fbpx

Битолската приказна ВМРО против ВМРО заврши на суд

-

Битолската приказна ВМРО против ВМРО заврши со судски спор и отштета вредна милиони денари. Актерите во оваа приказна беа ЈП „Водовод“ и ЈП „Стрежево“ од Битола, кои иако и двете ги раководеа кадри на владејачката ВМРО- ДПМНЕ и високи функционери на власта, сепак за испорачана, а не исплатена вода наместо да се разберат на маса, завршија на суд.

ЈП „Стрежево“ кое до пред една година го раководеше Љупчо Бошевски, поранешен лидер на битолскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, го тужи ЈП „Водовод“, чиј директор беше токму актуелниот претседател на општинскиот комитет, Зоран Илиоски, сега пратеник во Собранието. Овој спор беше интересен за битолската јавност бидејќи ретко кога функционери од една иста партија ја истерале работата на суд, дотолку повеќе што Бошевски лани во февруари беше сменет од директорската позиција, а Илиоски напредуваше во кариерата. Токму пресудата од овој спор денска ја актуелизира и битолската опозицијата, наведувајќи дека ЈП „Водовод“ минатата година ја заврши со огромна загуба од 23 милиони денари заради изгубен судски спор со ЈП „Стрежево“.

Ова за опозицијата е уште поинтересно ако се знае дека ЈП „Водовод“ пред само пет години ја зголеми цената на водата за дури 117 проценти.

ЈП „Водовод“ и покрај зголемувањето на цената на водата одбиваше преземената вода од ЈП „Стрежево“ да им ја плати по пазарна цена.

– Голем дел од оваа сума се пресметани камати и судски трошоци коишто, на крајот, ни криви ни должни, ги плативме ние граѓаните на Битола – рече на денешната прес-конференција Златко Ќурчиевски, советник на СДСМ.
Опозицинерите го повикаа поранешниот директор на ЈП „Водовод“, Зоран Илиоски, да им објасни на битолчани „зошто да плаќаат за неговите погрешни политики и процени?“

Сепак, според Ќурчиевски, самоволието на ВМРО – ДПМНЕ не застанува тука. Според негови сознанија, новиот директорот на ЈП „Водовод“, Горан Стефановски, неодамна кажал дека планира да го задолжи ЈП „Водовод“ со дополнителни шест милиони евра, под изговор дека само така можел да се консолидира водоводниот систем во општина Битола.

– Она што тој не го кажува е дека во тој случај, ќе следува уште едно зголемување на цената на водата бидејќи само така ЈП „Водовод“ ќе може да го гарантира враќањето на кредитот. Го повикуваме градоначалникот Владимир Талевски конечно да излезе од илегала, да се соочи со проблемот и да ја преземе одговорноста за работењето на ЈП „Водовод“ – рече Ќурчиевски пред зградата на јавното претпријатие во Битола.

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Милошевски, пак, возврати дека дабатите за вакви и за слични прашања треба да се одвиваат во институциите, а не на улица.

– За загубата на ЈП „Водовод“ сите знаат од каде е, односно дека не е од тековното работењето на претпријатието, туку од судски спорови, тоа е сосема друго. Во однос на тековното работење, тоа е позитивно, успеваме да ја исплатиме судската пресуда и да ги задоволиме сите потреби за граѓаните да имаат вода – рече советникот Милошевски.

А.Б.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Песните на изведувачите од „Јуниверзал“ се враќаат на ТикТок

Музиката на изведувачите под крилото на мултинационалната музичка корпорација „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе се врати во ТикТок откако двете страни склучија нов договор за компензација на артистите по...