fbpx

Народен правобранител: Да слушаа што зборувавме, можеби Тамара немаше да почине

-

Изминативе три години Народниот правобранител предупредува дека можно е да има големи последици од бавните постапки во кои Фондот за здравствено осигурување одлучува дали некој граѓанин ќе биде испратен во странство на лекување, како што, на крајот, се случи и со малата Тамара Димовска од Велес, која почина чекајќи го решението од ФЗОМ.

Ова може да се забележи во последните три годишни извештаи на Народниот правобранител, во кои има речиси идентични препораки, но досега ништо не е променето.

На вчерашната прес-конференција, на која го презентираше годишниот извештај, народниот правобранител Иџет Мемети рече дека единствено нешто оваа година што е подобро од изминатите е постапувањето по претставките на правобрнителот, но, како што рече, тоа не важи за сите институции.

– За жал, поголемиот дел од извештаите завршуваат во Собранието, еден од тие е и извештајот за минатата година, во кој предупредував на долгите постапки на Фондот за здравство. Некој да посветеше внимание на претставките, можеби немаше да почине Тамара. Недозволиво е поради долги процедури да почине дете, а решението дека е одобрена операцијата да стигне два дена по операцијата – рече Мемети.

Во последниот извештај, Мемети вели дека состојбата со остварувањето на правото за упатување на лекување во странство е слична на состојбата од претходната година.

„Граѓаните повторно се соочуваат со долги постапки за носење решение за лекување во странство, поради што од страна на Народниот правобранител се бараше забрзување на постапките и одлучување во законски предвидениот рок“, пишува во извештајот.

 

Извадок од извештајот за 2013 година:

„Во однос на правото на лекување во странство, мал е бројот на претставки, а од постапувањето по истите, произлегува констатацијата за долгите постапки на одлучување и на непотпишување на предлогот за упатување на лекување во странство од страна на лекарите, иако нема услови за соодветна заштита во Република Македонија. Укажувањата на Народниот правобранител да се забрза постапката и правилно да се утврди фактичката состојба, па доколку се оцени дека лекувањето не може да се обезбеди во Република Македонија, да се овозможи лекување во странство, делумно беа прифатени.“

 

Извадок од извештајот од 2012 година:

„Граѓаните најчесто се жалеа поради неблаговременото добивање одговори по барањата за одобрување лекување во странство. За разлика од претходните години, во овој извештаен период поднесени се мал број претставки што се однесуваа на остварување на правото на лекување во странство. Народниот правобранител интервенираше да се забрза постапката и правилно да се утврди фактичката состојба, па доколку се оцени дека лекувањето не може да се обезбеди во Република Македонија, да се овозможи лекување во странство, по што дел од граѓаните го остваруваа ова право.“

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Може да се раскине кој било договор, прашање е цената

Ванковска делумно точно оценила дека раскинувањето на договорите со Бугарија и Грција „е лесно“ и „малку потешко“. Но, нејзината проценка колку лесно или колку тешко се раскинуваат билатералните и...