Билет до вселената со ракета на „Вирџин Галактик“ чини 450.000 долари

Фото: NASA на Unsplash

Компанијата „Вирџин Галактик“ (Virgin Galactic), која е дел од групацијата „Вирџин Груп“ (Virgin Group) на милијардерот Ричард Бренсон, повторно започна со продажба на билети за патување во вселената, пишува „Си-ен-ен“.

Овој пат цената за едно седиште е зголемена речиси двојно. Кога продажбата беше прекината во декември 2018 година, цената на еден билет изнесуваше 250.000 американски долари, додека актуелните билети денес може да се купат за 450.000 долари по седиште.

Потегот на компанијата следува по вселенскиот лет на ракетата „Јунити“ (Unity) кој се случи на 11 јули, на кој, член на екипажот беше токму Ричард Бренсон, заедно со уште тројца други луѓе и двајца пилоти. Веста за комерцијалните летови кои треба да започнат во 2022 година доаѓа по една деценија ветување на компанијата дека ќе биде помеѓу првите што ќе ја тестираат оваа технологија.

„Додека се обидуваме да го донесеме чудото на вселената кај широката популација низ светот, среќни сме што ќе ја отвориме вратата кон една целосно нова индустрија и потрошувачко искуство“, изјавил Мајкл Колглазиер, извршен директор на „Вирџин Галактик“.

„Вирџин Галактик“ на клиентите им нуди три опции – да купат едно седиште, да купат неколку седишта за семејството или пријателите или да резервираат цел лет со „Јунити“ или со други вселенски авиони кои наскоро ќе бидат пуштени во употреба.

Патниците ќе имаат можност да доживеат три до четири минути бестежинска состојба и да ја видат планетата Земја наспроти црнилото на вселената пред да се вратат назад еден час по полетувањето.

Над 600 лица досега резервирале патување во вселената со ракетата на „Вирџин Галактик“, а овој број се очекува да се зголеми дополнително периодов, соопштија од компанијата.