Наместо годинава, овластувањето за патување ETIAS во ЕУ ќе почне во 2025 година и ќе чини 7 евра

ETIAS ќе се применува и за граѓаните на Северна Македонија кои планираат да патуваат во ЕУ. Ова овластување е врзано со пасошот на патникот и важи до три години или до истекот на рокот на важност на пасошот, пренесува Порталб.мк

Фото: Порталб.мк

Воведувањето на ETIAS, специјалното овластување за патување кое ги опфаќа поголемиот дел од европските земји од 2024 година е одложено за мај 2025 година. Ова овластување е услов за влез за граѓаните кои патуваат без виза во која било од 30 европски земји. ETIAS ќе се применува и за граѓаните на Северна Македонија кои планираат да патуваат во ЕУ. Ова овластување е врзано со пасошот на патникот и важи до три години или до истекот на рокот на важност на пасошот, пренесува Порталб.мк.

Со започнување на програмата, ETIAS – што значи Европски систем за информации и овластување за патување – од околу 1,4 милијарди луѓе ќе се бара да имаат специјално овластување за влез во 30 земји во европската Шенген зона.

Важноста на ETIAS

Ова овластување има рок на важност до три години или до истекот рокот на важност на патната исправа. Ако го смените пасошот, мора да земете ново овластување за патување ETIAS.

Со важечко овластување за патување ETIAS, вие можете да влегувате на територијата на овие европски земји онолку пати колку што сакате за краткотраен престој – вообичаено до 90 дена во кој било период од 180 дена. Меѓутоа, ова овластување не гарантира и влез. При пристигнување граничната полиција од вас ќе побара да ви го види пасошот и другите документи и да провери дека ги исполнувате условите за влез.

Аплицирање за овластување за патување ETIAS

Можете да го пополните формуларот за апликација на официјалната веб страна на ETIAS или на мобилната апликација ETIAS. Аплицирањето за овластувањето за патување ETIAS чини 7 евра, но некои патници се ослободени од плаќањето на оваа такса.

Ќе ви треба платежна картичка за да ја покриете таксата од 7 евра. За да ја платите таксата вие можете да користите различни опции за плаќање преку Интернет.

При пополнување на апликацијата од вас ќе биде побарано да ги дадете следните информации:

  • Лични податоци како име (имињата), презиме, датум и место на раѓање, националност, домашна адреса, имињата на родителите, е-маил и телефонски број;
  • Детали за патниот документ;
  • Детали за вашето ниво на образование и актуелната професија;
  • Детали за планираното патување и престој во која било од земјите за кои е потребна ETIAS;
  • Детали за какви било кривични пресуди, секое минато патување во воени или конфликтни зони и дали неодамна сте биле предмет на одлука со која се бара да ја напуштите територијата на било која земја.

Исто така ќе треба да изјавите дека податоците што ги доставувате и изјавите што ги давате се точни. Исто така, ќе треба да потврдите дека ги разбирате условите за влез на териториите на европските земји за кои е потребен ETIAS и дека можеби ќе треба да обезбедите соодветни придружни документи секој пат кога ќе ја преминете надворешната граница.

Фото: Мета.мк

Ако некој друг аплицира во ваше име, тоа лице ќе треба да го даде своето презиме, името и деталите за контакт на организацијата или фирмата (ако е применливо), како и информации за нивната поврзаност со вас и една потврда дека тоа лице и вие имате потпишано изјава за тој да ве претставува.

Аплицирањето за малолетните лица (под 18 години) мора да се врши од страна на лице кое има постојано или привремено родителско овластување или законско старателство.

Кандидатите кои се под 18 или над 70 години се ослободени од плаќањето на оваа такса. Исто така, од оваа такса се ослободени и членовите на семејствата на државјаните на земјите членки во ЕУ или државјаните на земјите кои не се членки на ЕУ, но кои имаат право слободно да се движат низ Европската унија.

Обработување на вашата апликација ETIAS

Повеќето апликации се обработуваат за неколку минути.

Меѓутоа, можно е обработката на вашата апликација да потрае подолго. Ако е така, ќе добиете одлука во рок од четири дена. Имајте предвид дека овој период може да се продолжи и до 14 дена доколку од вас се побара да обезбедите дополнителни информации или документација или до 30 дена ако сте поканети на интервју. Ова е причината зошто за овластување за патување ETIAS треба да аплицирате многу однапред од времето кога сте испланирале да патувате.

Што по аплицирањето

Ќе добиете е-маил со кој се потврдува поднесувањето на вашата апликација, на кој ќе ви биде испратен вашиот единствен број на апликацијата за ETIAS: погрижете се да го чувате овој број за употреба во иднина.

Откако вашата апликација ќе биде обработена, ќе добиете уште еден е-маил во кој ќе ве информираат за нејзиниот исход.

Кога ќе го добиете овластувањето за патување ETIAS, проверете дали вашето име, бројот на пасошот и другите информации се точни: ако има какви било грешки, нема да ви биде дозволено да ја преминете границата. Повеќе информации за тоа што да направите ако сте направиле грешка во вашата апликација може да најдете тука.

Ако вашата апликација е одбиена, по е-маил ќе ви бидат образложени причините за оваа одлука. Во него исто така ќе има информации за начинот на кој можете да поднесете жалба, детали за надлежниот орган, како и временски рок за поднесување на жалбата.

Временскиот период на важност на вашиот ETIAS

Вашето овластување за патување ETIAS важи три години или додека не истече рокот на важност на патниот документ што го користевте при вашата апликација.

Ова овластување служи само за краток престој: важечкото овластување за патување ETIAS ви дава право да престојувате во европските земји кои бараат ETIAS до 90 дена во кој било период од 180 дена.

Мора да имате важечко овластување за патување ETIAS за време на целиот ваш престој. Можете да заминете и да се вратите во секое време, се додека го почитувате овој временски рок.

Пристигнување на граница

Бидејќи вашето овластување за патување ETIAS е поврзано со вашиот патен документ, погрижете се да го имате истиот документ што го користевте во вашата апликација ETIAS. Во спротивно, нема да ви биде дозволено да се качите на авион, автобус или брод или да влезете во некоја од европските земји за кои е потребен ETIAS.

Поседувањето важечко овластување за патување ETIAS не ви гарантира автоматско право на влез. Кога ќе пристигнете на границата, граничната полиција ќе провери дали ги исполнувате условите за влез. На патниците кои не ги исполнуваат условите за влез ќе им биде одбиен влезот.

Повеќе информации околу тоа што треба да очекувате при премин на границите на ЕУ можете да прочитате тука.

Вашиот список за проверка на ETIAS

  • Аплицирајте за овластување за патување ETIAS долго пред да го купите вашиот билет или да резервирате сместување;
  • Проверете дали податоците за вашиот пасош се совпаѓаат со оние на вашето овластување ETIAS – ќе ви биде одбиено качување на превозното средство и влез на граница доколку истите не се совпаѓаат;
  • Проверете дали вашето овластување за патување ETIAS е сè уште важечко;
  • Проверете колку долго можете да останете во европските земји за кои е потребен ETIAS;
  • Проверете дали вашиот пасош е валиден три месеци по планираното заминување од европските земји за кои е потребен ETIAS – ќе ви биде одбиен влез на граница ако не е (има и исклучоци).

ФРОНТЕКС ја поддржува Европската комисија во подготовката на една јавна информативна кампања за ETIAS, која се очекува да биде лансирана шест месеци пред овој систем да стапи во функција. Меѓутоа, ФРОНТЕКС од април 2024 година  препорачува користење на официјалната веб-страница на ETIAS: europa.eu/etias, каде што патниците можат да добијат информации за новите барања, процесот на аплицирање, жалбите и други релевантни теми.

„Патниците ќе можат да ги поднесуваат своите апликации за ETIAS исклучиво преку оваа официјална веб страна откако системот ќе се стави во функција“, велат од ФРОНТЕКС.

Притоа, ФРОНТЕКС ги потсетува граѓаните дека европската регулатива во врска со ETIAS им дозволува на комерцијалните посредници да аплицираат за издавање на овој вид на патни овластувања во име на други лица. Меѓутоа, бидејќи процесот на аплицирање ќе бара од патниците да дадат детали за податоците за нивниот пасош, бројот на кредитна картичка и други лични информации, важно е да се осигура дека таквите чувствителни информации не се злоупотребуваат од трети лица.

По ставањето во функција на ETIAS, комерцијалните посредници ќе треба да ја користат и официјалната веб-страница на ETIAS за да аплицираат за овластување за патување во име на нивните клиенти.