fbpx

Би-би-си: Лажни видеа ги шират руските лаги до милиони гледачи на ТикТок

Од ТикТок велат дека веќе го истражуваат проблемот и оти отстраниле повеќе од 12.000 лажни сметки кои потекнуваат од Русија

-

Руска пропагандна кампања која вклучува илјадници лажни кориснички сметки на ТикТок што шират дезинформации за војната во Украина, е откриена од страна на Би-би-си.

Видеата рутински привлекуваат милиони прегледи и имаат очигледна цел да ја поткопаат поддршката на Западот, пишува Би-би-си.

Корисниците во неколку европски земји биле подложени на лажни тврдења дека високи украински функционери и нивните роднини купиле луксузни автомобили или вили во странство, по руската инвазија во февруари минатата година.

Лажните видеа на ТикТок одиграле улога и во отпуштањето на украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников минатиот септември, според неговата ќерка Анастасија Штеинхауз. Таа за Би-би-си изјавила дека дознала за руската кампања за дезинформации кога нејзиниот сопруг ѝ испратил видео на ТикТок раскажувано од глас генериран од вештачка интелигенција, во кое се тврди дека таа купила дом во Мадрид, Шпанија. Подоцна добила уште едно видео, во кое се тврди оти купила вила и во Франција.

Штајнхауз вели дека не поседува имот во Шпанија и Франција или каде било надвор од Украина.

Други видеа го таргетирале и нејзиниот татко. Видеата што стигнале до неа припаѓале на огромна руска мрежа на лажни сметки на ТикТок, кои се претставуваат како вистински корисници од Германија, Франција, Полска, Израел и Украина.

„Би-би-си Верифај“ открил речиси 800 лажни сметки од јули годинава. Користејќи комбинација од пребарувања со хаштаг и препораки од ТикТок, сервисот дошол до стотици слични видеа насочени кон десетици украински службеници.

Сметките што ги објавувале видеата, користеле украдени профилни фотографии, вклучувајќи и такви на познати личности како Скарлет Јохансон, Ема Вотсон и Колин Фарел.

Со исклучоци, профилите објавиле само по едно видео – тактика која ТикТок тврди дека е нова и има за цел избегнување на откривање и манипулирање со системот на платформата за препорачување видеа на корисниците.

Во текот на истрагата, „Би-би-си Верифај“ нашол конзистентни докази кои укажуваат на можно руско потекло на мрежата. Ова вклучувало јазични грешки типични за руските говорители, вклучително и руски фрази кои не се користат на други јазици. Исто така, многу од видеата содржеле линкови до интернет-страница која претходно компанијата Мета ја опиша како дел од мрежата поврзана со Русија што имитира легитимни западни веб-страници за вести.

Анализираните видеа биле насочени и кон украинскиот претседател Володимир Зеленски и други украински функционери, кои биле прикажувани како опседнати со пари и негрижа за обичните Украинци или за воените напори.

Видеата имплицирале дека политичарите купувале луксузен имот или стоки за време на војна – тврдења кои, кога се проверувале, секогаш се покажале како лажни.

Резников, претходно пофален како клучна фигура во напорите на Украина да лобира до западните земји за снабдување со оружје, беше отпуштен од својата работа како министер за одбрана во септември.

Роман Осадчук од Дигиталната форензичка истражувачка лабораторија на Атлантскиот совет, кој ја истражувал мрежата во соработка со Би-би-си, вели дека лажните сметки насочени кон Украинците се обидуваат да ја поткопаат нивната доверба во раководството на земјата.

Од ТикТок велат дека веќе го истражуваат проблемот и оти отстраниле повеќе од 12.000 лажни сметки кои потекнуваат од Русија.

„Постојано и немилосрдно ги следиме оние кои се обидуваат да влијаат врз нашата заедница преку измамнички однесувања и отстранивме тајна операција за влијание што потекнува од Русија, како дел од истрагата иницирана од ТикТок, за што придонесе и Би-би-си“, рекле од ТикТок.

Од ТикТок додале дека сè уште истражуваат кој стои зад мрежата и дека пронашле лажни видеа на два дополнителни јазика – италијански и англиски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...