fbpx

Бербок: Проширување на ЕУ е неопходно, Путин сè уште се обидува да создаде поделби

Проширувањето на ЕУ, рече германската министерка, е геополитичка неопходност

-

Рускиот претседател Владимир Путин „ќе продолжи да се обидува да ископа империјален ров во Европа, со кој од нас треба да ја одвои не само Украина, туку и Молдавија, Грузија и Западен Балкан“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Ако Русија трајно ги дестабилизира овие земји, „тоа ќе нè направи сите нас ранливи на напади“, рече Бербок вчера во Берлин, на конференцијата за проширување на Европската Унија.

На состанокот учествуваа голем број европски министри за надворешни работи и министри за европски прашања.

Проширувањето на ЕУ, повтори германската министерка, е геополитичка неопходност, а Украина треба да биде членка на „нашата Европска Унија“, рече таа обраќајќи му се на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

„Убедена сум дека Европскиот совет ќе го даде тој сигнал во декември“, додаде Бербок.

Европската комисија на 8 ноември треба да ги претстави извештаите за реформите на Украина и Молдавија, кои се кандидати за членство. Врз основа на извештајот, шефовите на држави и влади на Унијата во декември ќе одлучат дали може да започнат преговорите за членство со двете земји, како и дали Грузија треба да добие кандидатски статус. Комисијата ќе презентира и извештаи за напредокот на земјите од Западен Балкан и Турција.

Бербок презентираше и цела низа реформски предлози кои треба да се спроведат истовремено со процесот на проширување. Така, пред сè, на младите треба да им се овозможи да ги користат предностите на ЕУ, дури и пред нивните земји да станат полноправни членки. Студиските програми како што се Еразмус стипендиите треба да се прошират. Германската министерка предложи и претставниците на земјите со кои ЕУ ги затвори поединечните преговарачки поглавја да можат да присуствуваат на седниците на Европскиот совет како набљудувачи, на покана од Брисел.

„Нема да има отстапки или кратенки во процесот на пристапување, особено не во областа на владеењето на правото“, но таму каде што има напредок, тој мора да биде награден „видлив и опиплив“.

Бербок на конференцијата рече и дека далекусежните реформи треба да ја направат Европската Унија геополитички безбедна за иднината, меѓудругото и поради војната во Украина и на Блискиот Исток.

„Токму сега ни треба сила заедно да излеземе од овој вител на криза“, рече германската министерка.

ЕУ треба да подготви план за клучните реформи кои се однесуваат и на проширувањето и да го спроведе во следниот мандат на Европскиот парламент. Изборите за Европскиот парламент се во јуни следната година.

Бербок ја пофали Унијата за постигнување „огромно надворешнополитичко достигнување“ со одлучна реакција на руската агресија врз Украина. Во исто време таа критикуваше за „различни перспективи и улоги“ за важни прашања по терористичкиот напад на Хамас врз Израел. Не беше секогаш лесно, додаде таа, да се најде заеднички јазик.

„Но, на сите ни е јасно: ние Европејците ќе се наметнеме во светот само ако се држиме заедно“, рече германската министерка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Хамас не го прифаќа понудениот договор за примирје, преговорите продолжуваат

Висок функционер на Хамас во текот на ноќта изјавил за новинската агенција Франс прес (АФП) дека одговорот на групата на предложениот договор за примирје со Израел, а постигнат со...