Олеснети услови за водење бизнис, намалување на лимитот за основање на фирми, со цел да се поттикне и зголеми приливот на домашни и на странски инвестиции, отворање на повеќе работни места, поттикнување на инвестиции во енергетиката,  туризмот, занаетчиството… најави на денешната прес конференција, министерот за економија Крешник Бектеши.

„Најприоритетно е во наредните четири години преку мерките и програмите во рамки на Министерството за економија да работиме на отворање на нови работни места што ќе значи намалување на невработеноста. Целта е таа да се намалува по три проценти годишно“, изјави Бектеши.

Според него, ќе се намалат и ограничувањата за основање на инвестициски фондови, а во завршна фаза е процесот на анализа и препораки за натамошно зајакнување на Фондот за иновации и технолошки развој. Тоа треба да овозможи влез на странски инвестициски фондови. Во наредните 4 години целта е Македонија да стане регионален центар за развој на нови бизниси за млади претприемачи, а со воведување на регионалниот акцелератор, ќе се прошири опфатот на апликанти и на земјите од Западен Балкан.

„Меѓу приоритетите за поттикнување на иновативниста е и од Македонско село да формираме „Старт-ап село” кое ќе нуди можност за многу млади од земјава и странство да отворат бизнис, без потреба од плаќање на режиски трошоци“, истакна Бектеши.

Нагласи и дека ќе се олеснуваат условите за водење бизнис за што е веќе започната постапката за законски измени за основање на фирма со минимален износ на основна главнина од едно евро. Според него, се работи и на создавање на регистар на парафискални давачки со што ќе се намалат парафискалните давачки до 75 отсто, според големината на стопанските субјекти.

„Кризата од пандемијата ги забави дел од проектите што се реализираа. Во изминатите 7 месеци фокусот беше свртен кон најпогодените граѓани и сектори. Ќе продолжиме во таа насока и во наредниот период, се додека не се врати се во нормала. Веќе активно работиме на мерки и политики што ќе овозможат поддршка на обновувањето одржлив и инклузивен раст“, најави Бектеши.