fbpx

Бавната динамика на реформите во медиумите во земјава ја загрозува европската интеграција

-

Исполнувањето на реформите во сферата на медиумите во нашата земја што произлегоа од Договорот од Пржино, сè уште не е целосно завршено. Земјата се движи со бавни чекори кон подобрување на медиумската сфера, што е услов за пристапување во Европската унија, пишува „Порталб.мк“.

Според домашните и меѓународните извештаи, нема доволно безбедност за новинарите и воопшто за медиумите во Македонија.

„Останува фактот дека се неопходни институционални и систематски реформи во областа на медиумите. Значи, сé уште не може да се каже дека постои стабилна и подобрена состојба во оваа област“, се вели во Извештајот на Европската Комисија. Во своите извештаи, оваа европска институција редовно истакнува дека се потребни постојани напори за реформи во јавниот сервис и обезбедување на независни фондови.

Во извештаите се укажува и на потребата да се заштитат правата на новинарите, како и да се спроведат релевантни и ефективни истраги од страна на судството и другите институции одговорни за напади врз новинарите и нивно целосно ослободување од какво било влијание од центрите на моќ.

„Веќе подолго време се осврнуваме на културата на неказнивост во случаи кога се повредени правата на новинарите и медиумите, што поттикнува понатамошно насилство врз нив. Исто така, постои впечаток дека медиумите во целина се поделени на политички основи и дека условите за работа на новинарите не се подобрени“, се наведува во извештајот.

Доколку за сите овие прашања не се работи стратешки, тие би можеле да станат сериозна пречка за евроинтеграциските процеси, велат експертите.

– Секако, не е сè во законодавството, но неговото ефективно и правилно спроведување е исто така многу важно. Важно е да се сменат навиките и ставовите на центрите на моќ и политичарите кои честопати ги третираат медиумите како нивни сервис, а не како сервис во име на граѓаните. Во исто време, важно е да се почитуваат професионалните стандарди во известувањето за медиуми и саморегулацијата, за да им биде јасно на публиката кои медиуми имаат кредибилитет, а кои не – рече за „Порталб.мк“ Марина Тунева од Советот за етика во медиумите.

Според неа, државата има обврска да го промовира плурализмот во медиумите и да обезбеди фер услови за функционирање на приватните медиуми во медиумскиот сектор.

Во областа на медиумските реформи, според Тунева, многу е важно да се види дека постои јасен национален план за подобрување на статусот на новинарите и медиумите, што, се разбира, би се создало во соработка со новинарската заедница и со претставниците на самите медиуми.

Од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ велат дека динамиката во промените за подобрување на состојбата со медиумите е спора.

– Во пресрет на 2020 година не се забележани поголеми и суштински реформи во однос на слободата на изразување согласни приоритетните и итни реформи на Прибе. Има промени во реформите, но нивната брзина или динамика, квалитет и обемот се под очекувања“, вели за „Порталб.мк“ Виолета Глигороска од „Метаморфозис“.

Според неа, најголемиот чекор е преземен во столбот „Слободен пристап до информации од јавен карактер” каде по назначувањето на раководителите на новоформираната регулаторна комисија (Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер), решени се случаи заостанати уште од 2019 година.

– Минимален напредок, или воопшто нема напредок, и во областа на медиумските реформите и Јавниот радиодифузен сервис и во областа на реформа на законодавството за клевета и навреда. Иако владата го укина само-рекламирањето, јавните пари сè уште се влеваат во медиумите преку други јавни претпријатија и преку локалните општински буџети и други форми на субвенции“ – рече Глигороска.

„Метаморфозис“ наскоро ќе го објави својот втор квартален извештај за мониторинг на реформите во медиумите, кој се однесува на периодот февруари – април, во кој детално ќе се прикаже напредокот што е постигнат во медиумите во земјата.

Инаку, Европската комисија (ЕК) се очекува да ја финализира преговарачката рамка за Северна Македонија. Одговарајќи на прашање од новинарите Ана Писонеро на 25 јуни изјави дека „Комисијата сè уште работи на нацрт – текстови“.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...