Image by David Peterson from Pixabay

Политиката на ЕУ кон целиот регион се обликуваше по завршувањето на граѓанската војана во Босна и Херцеговина и се обликуваше новиот регион Западен Балкан и новиот регионален пристап. Дипломатското решение обликувано во Дејтонскиот мир – ја рекреираше Босна и Херцеговина како сложена држава која не е дефинирана ни како конфедерација ни како федерација, но се состои од два ентитети, од кои едниот и самиот е федерација – Федерација на Босна и Херцеговина и Република Српска, а покрај нив и малиот Дистрикт Брчко со посебен статус.

Босна и Херцеговина пред војната (според пописот од 1991 година) имаше 4.377.033 жители, според последниот попис од 2013 година – 3.531.159, а според проценките, и натаму се намалува.

Европската перспектива за Босна и Херцеговина требаше да биде клучниот мотив за реформи, но пред сѐ за создавање функционална држава. Како што покажа времето, Дејтон беше доволен за мир, но не и за создавање функционална држава, со реална перспектива за членство во ЕУ.

Босна и Херцеговина ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2008 година, по тригодишни преговори, а таа стапи во сила дури во 2015 година. Во меѓувреме, од 2010 година босанскохерцеговските граѓани ги стекнаа придобивките на визната либерализација во државите членки на ЕУ. Барање за членство државата поднесе во 2016 година, а ѝ беа потребни повеќе од две години само да одговори на Прашалникот на ЕУ (вклучувајќи ги и дополнителните прашања). Во своето мислење за барањето за членство од 2019 година, Европската комисија не предложи да се отпочнат преговори со БИХ, ниту пак Советот реши да ѝ додели кандидатски статус. Државата е сѐ уште потенцијален кандидат за членство.

Клучната оценка на Комисијата во нејзиното Мислење беше дека Босна и Херцеговина, „треба да ја усогласи својата уставна рамка со европски стандарди и да се обезбеди функционалност на нејзините институцииза да можат да ги преземат обврските на ЕУ“. Подиректно толкувано, Комисијата смета дека вака како што функционира денес, државата не може ефикасно да учествува во донесувањето одлуки на ЕУ и целосно да ги спроведува правото на ЕУ.

Истовремено со Мислењето, Европската комисија ѝ постави на Босна и Херцеговина друти 14 главни приоритети, а некои од нив содржат и потточки. Категоризирани се во четири групи демократија/функционалност, владеење на правото, темелни права и реформа на јавната администрација. Очигледно е дека, за разлика од условеноста кај другите држави од регионот, различниот и најтешкиот услов се однесува на функционалноста на институциите на ниво на државата. За голем број од условите потребни се уставни измени, а за тоа не постои волја од страна на конститутивните народи, односно нивните претставници.

Долго време, пред поставувањето на овие четиринаесет услови, единствен услов што го поставуваше ЕУ во однос на уставната реформа беше спроведувањето на пресудата за Европскиот суд за човекови права Сејдиќ- Финци. Накусо, Судот пресуди дека претставува дискриминација што Уставот и Изборниот законик не им овозможуваат на припадници на други народи освен „конститутивните“ (Бошњаци, Срби и Хрвати) да се кандидираат за Претседателството на БиХ и Домот на наорди на Парламентарното собрание. Пресудата од 22 декември 2009 година сѐ уште не е спроведена.

Според една скорешна анализа на Советодавна група за Балканот во Европа (BiPAG), најголем отпор постои за создавање Врховен суд на БиХ, реформата на Изборниот закон, прашањето на странските судии на Уставниот суд на БиХ и барањето да се обезбеди правен механизам со кој Владата на ниво на БИХ би можела да ги гарантира пред ЕУ спроведувањето на обврските од правото на ЕУ. Од друга страна, има напредок со (конечно) спроведувањето на изборите во Мостар, профукционирањето на телата за Спогодбата за стабилизација и асоцијација, донесувањето на планот за реформа на јавната администрација и некои предмети во борбата против висока корупција. Сепак, со ова темпо на спроведување на поставените услови големо прашање е кога Босна и Херцеговина ќе стане кандидат за членство, а уште поголемо – почеток на преговорите. Меѓутоа, она што уште повеќе загрижува е што во вакви услови, реално моќта на ЕУ да влијание врз реформите ќе се намалува.

Усогласеноста на Босна и Херцеговина со позициите на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ е 61%. Во државата сѐ уште е активна воената мисија на ЕУ Алтеа и има специјален претставник на ЕУ.