Австралија бара поголема соработка со земјите од Југоисточна Азија против заканите од ИД

Австралија ќе им понуди поголема помош на земјите од Југоисточна Азија за спречување на можни терористички напади во тој регион, јавуваат светските медиуми. Безбедносните прашања ќе бидат тема на дискусија меѓу австралискиот премиер Малком Трнбул и другите лидери на Азискиот самит, кој се одржува во Лаос.

Трнбул веќе навести дека неговата намера е да ја прошири соработката на Австралија со Индонезија, Малезија и со другите соседни земји, во борбата против терористичките закани.

Ваквата иницијатива, како што пишува „Би-би-си“, доаѓа по заканите на Исламска држава (ИД) за напади во Сиднеј и во Мелбурн.

Австралискиот премиер изјави дека ваквите закани треба да се сфатат сериозно, особено по тешките загуби што ИД ги трпи на боиштата во Ирак и во Сирија.

„Како што се повлекуваат и ја губат територијата, терористичките активности ќе се префрлат надвор од регионот на Блискиот Исток… Мораме да бидеме подготвени за акциите на лица, индивидуалци кои од различни причини, можат да бидат радикализирани“, изјавил Трнбул.

Австралиската влада презема мерки за спречување на активностите на странските борци, кои би можело да бидат регрутирани од Југоисточна Азија и од Австралија и бара поголема размена на разузнавачки информации.