„Постои опасност ние да останеме заглавени, а вистинската европска граница да стане БЈРМ. Во опасност сме да се најдеме со илјадници луѓе, бегалци и мигранти без документи, кои не можеме да ги контролираме и ние како држава немаме јасни приоритети и цели“, рече поранешниот шеф на грчката дипломатија и екслидер на ПАСОК, Евангелос Венизелос, во интервју за телевизијата „Скај“.

Загриженост за бегалската криза изрази и лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис. Лидерот на десничарите истакна дека лично ќе се заложи да помогне околу справувањето со кризата и да не се дозволи поради ова државата да се најде изолирана во ЕУ и исклучена од шенген-зоната.

Во анализа на весникот „Катимерини“, пак, се забележува дека бегалската криза и проблемите на Грција полека, индиректно работат во корист на Македонија. Повикувајќи се на дипломатски извори, весникот забележува дека улогата на Грција сè повеќе се намалува и се потценува, додека ЕУ сè повеќе ја уважува и ја цени улогата на Македонија во целата бегалска приказна.

Според анализата, европските функционери сè повеќе ја оценуваат Грција како неспособна да се справи со бегалската криза, односно да го спречи влезот на илјадници бегалци и мигранти од Турција, што се смета дека ѝ оди во корист на Македонија.
„Во клучните европски одлучувачки центри веќе се почнати „тивки“ разговори за наоѓање формула, која ќе ги заобиколи инсистирањата на Атина за одложување на датум за почеток на пристапни преговори за Скопје, колку грчката страна и да инсистира дека тоа не може да се случи, па дури и да се најде начин да се заобиколу одлуката од Букурешт за прием во НАТО со привремената референца БЈРМ“, се вели во текстот на „Катимерини“.