fbpx

(АНАЛИЗА) Плати, услуги и градежни работи: од каде се крати, а каде се додава со буџетскиот ребаланс?

Ребалансот на Буџетот веќе е во Собрание. Оваа буџетска прераспределба се однесува на периодот до крајот на оваа економска година

-

Помалку пари за водовод и канализација, за градежни зафати и за невладини организации со буџетскиот ребаланс. Во дел од институциите и министерствата има и кратење на сумите за договорни услуги и за патни и дневни трошоци, но кај дел има зголемување, пишува Порталб.мк.

Буџетски поместувања тешки стотици милиони евра – развојниот дел под „нож“

И Министерството за труд и социјална политика, кое располага со поголем буџет, до крајот на годината ќе се соочи со кратење по повеќе основи. Сумата за капитални расходи за објекти за детска заштита се намалува за 446.000 евра, а позначајно се крати кај трансферите: до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) за 3.100.000 евра, до Агенцијата за вработување за околу 860.000 евра и до Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) за 2.200.000 евра.

Преку ова министерство има и кратење на 500.000 евра кај трансферите за невладините организации. Сумата за плати, надоместоци, придонеси за администрацијата се зголемува за 152.200 евра. Од друга страна, се зголемуваат трансферите до фондовите за зголемени плати, но и надоместоци: 8.700.000 повеќе за социјални надоместоци, 9.700.000 повеќе за ПИОМ за пренесување на надлежности на единиците на локална самоуправа (ЕЛС).

Во Министерството за здравство има поголеми буџетски поместувања. Сумата за плати, придонеси и надоместоци за административниот дел се зголемува за 41.000 евра. Се зголемуваат сумите за плати и надоместоци и на институциите под ингеренција на овој ресор. Трансферите до ФЗО се зголемуваат за 1.621.000 евра. За реконструкција и доградба на здравствени објекти ќе има дополнителни 537.300 евра, а за купување на возила 405.000 евра. Од друга страна, за изградба на клиничките центри во Штип и Скопје преку ставката „други градежни објекти” има намалување за речиси 1.200.000 евра. За 324.000 евра се намалува и сумата за Клиничкиот центар во Кичево.

Министерството за локална самоуправа ќе добие 65.000 евра повеќе за плати, придонеси и надоместоци, а ќе има и дополнителни средства за патни и дневни трошоци.

За Министерството за култура се предвидуваат дополнителни 50.000 евра за основни плати и надоместоци за административниот дел, а за 40.500 евра се зголемува сумата за патни дневни трошоци. Повеќе пари за плати ќе има и за вработените во Управата за заштита на културно наследство, како и за останатите сектори и институции од културата.

Дополнителни милионски суми се предвидени за плати и придонеси за вработените во театрите, културно-уметничките манифестации, филмската дејност и музеите. На пример, само за основни плати и придонеси за вработените во фолклорна и сценско уметничка дејност сумата се зголемува за 800.000 евра, а во музејската дејност за 358.000 евра.

Во Владата сумата за плати, придонеси и надоместоци се зголемува за 161.000 евра, а за патни и дневни трошоци за 162.000 евра. Ставката финансиска поддршка на инвестициите – разни трансфери се зголемува за 9.400.000 евра, а кај ставката привлекување на странски инвестиции има зголемување за 3.250.000 евра.

Ребалансот предвидува бројни прераспределби во министерствата и во самите институции преку различни програми, а целта е да се обезбедат пари за зголемени плати на вработените во јавниот сектор и за исплата на одредена сума на К-15. Еве дел од развојните ставки каде се крати позначително: за водовод и канализација  капиталните дотации до општините се намалуваат за 810.400 евра, субвенциите за претпријатија и невладини организации преку една од потпрограмите во Министерството за финансии се намалува за 9,5 милиони евра, а сумата за други градежни работи се намалува за 4,3 милиони евра. Ставката „други градежни работи” значително се намалува и во други институции и ресори, како оние за образование и за земјоделство.

Ребалансот на Буџетот веќе е во Собрание. Оваа буџетска прераспределба се однесува на периодот до крајот на оваа економска година. Вообичаено во октомври започнуваат и пресметките за новата буџетска 2024 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...