fbpx

Амбасадорката на САД и Заев оддадоа почест пред споменикот на американските пилоти во Вратница

-

По повод 9-ти Мај, Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна, премиерот Зоран Заев , заедно со амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз, и претставници на Сојузот на борци се поклони пред споменикот подигнат во чест на петтемина американски пилоти во тетовското село Вратница.

Двајца од пилотите ги загубиле животите кога на 26 август 1944 година, нивниот авион бил соборен од непријателот. Останатите тројца членови на екипажот на американскиот бомбардер „Либератор Б-24 Г“, со кодно име „Наша Љубов“ кој бил погоден и паднал на падините на Шар Планина над селото Вратница, биле спасени и евакуирани на безбедно.

Како што истакна премиерот Заев, акцијата за нивно спасување од страната на населението од Вратница е еден редок и скапоцен настан.

„Застанати на страната на Сојузот на прогресивните антифашистички сили, не само што ставија крај на крвавата светска војна на бојните полиња, туку му ставија крај и на погромот на фашизмот заради кој беа погубени милиони недолжни цивили и луѓе во логорите на смртта. Сеќавањето и чествувањето на настанот од 1944 година во Вратница и поменот на петмина пилоти веќе е прифатен како еден од најсимболичните моменти од нашата заедничка соработка со САД“, рече Заев.

Амбасадорката на САД, ја истакна важноста на денешниот настан и локацијата каде е подигната спомен плочата.

„Ова е место каде што луѓето од обете наши земји можат да се соберат за да слават храброст пред опасностите и конфликтите. Токму на една планина во близина на 26 август 1944 година се урна американски бомбардер Б-24Д откако го погоди непријателски оган додека се враќаше во Италија од Романија. Селаните, изложени на голем личен ризик за себе и за своите семејства, им помогнале на тројцата преживеани по планината и извадиле тела на уште двајца и ги закопале. Тоа беше длабок чин на хуманост за кој мојата земја останува благодарна“, потсети Брнз.

Амбасадорката Брнз, се осврна и на предизвикот со кој целиот свет се соочува во изминатата година.

„Заедно ќе ги обновиме нашите економии, ќе ги заживееме нашите партнерства и ќе научиме од трагедијата, исто како што ги искористивме ужасите од Втората светска војна за да изградиме нов поредок од урнатините на Европа. Овој поредок служи како камен-темелник на стабилноста и просперитетот за овој континент, кој останува стабилен партнер за Соединетите држави. Што е најважно, се заснова на единство, соработка и взаемна доверба“, заклучи Брнз.

Претседателот на главниот одбор на Сојузот на борците, Никола Стојановски, во своето излагање потсети на улогата што Северна Македонија ја одигра во борбата против фашизмот.

„Денес кога оддаваме почит и сеќавање на големите жртви и заедничката борба за слобода, Сојузот на борците со гордост го истакнува нашиот придонес за слободна и демократска Европа, заедницата со која ги споделивме идеалите на новото време. Таа Европа и тој свет, драги пријатели, да биде против неофашизмот и екстремниот популизам, против ксенофобијата, расизмот, верската нетолеранција и другите насилства, против војните, хегемонистичките наметнувања, тероризмот во неговите облици. Опасноста да ја замениме со реафирмирање на начелата на Обединетите нации, човековите права, правото и правдата во светот“, рече Стојановски.

Божин Милосавлевски, жител на село Вратница ги прераскажа преданијата од своите соселани кои херојски помогнаа при спасување на пилотите.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“, по повод 121 годишнината од неговото загинување. „Никој нема право да се...