fbpx

АИ: Македонските власти како да се справуваат со немири, а не со бегалци

-

„Секоја земја има право да патролира долж своите граници, но овој вид на пара-милитарен одговор е неприфатливо кршење на меѓународното право“, изјави заменик директорот на европската филијала на „Амнести интернешнл“, Гаури ван Гулик, откако Владата прогласи кризна состојба на јужната и на северната граница и на неколку илјади бегалци не им се дозволува илегално да влезат во земјава.

Од „Амнести интернешнл“ соопштуваат дека добиле загрижувачки извештати во кои се вели дека екипи на единицата за анти-тероризам на полицијата се распоредени на границата и користат палки, шок-бомби и пукаат во воздух за да ги спречат беглаците да влезат во Македонија.

„Секоја земја има право да патролира долж своите граници, но овој вид на пара-милитарен одговор е неприфатливо кршење на меѓународното право. Македонските власти реагираат како да се справуваат со немири, а не со бегалци кои побегнале од конфликтни подрачја и прогонства“, вели ван Гулик.

Очевидец од грчката страна на границата за „Амнести интернешнл“ изјавил дека полициските единици за брза реакција и за антитероризам ги тепале бегалците кои се обидуваат да влезат во Македонија и пукале над нивните глави.

„Сите земји имаат должност да ги заштитат оние кои бегаат од конфликтни подрачја и прегонства и Македонија не е исклучок. Кога системот не може  да се справи, ќе се подобри системот – не може едноставно да се спречат луѓето да доаѓаат“, вели ван Гулик.

Од Министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека „полициските службеници се распоредени на терен, на граничната линија кон соседна Грција и постапуваат согласно наредбите и овластувањата за заштита на државната граница и обезбедување на мирот и безбедноста во пограничниот појас“, без да наведат детали за евентуална употреба на средства за присила, како шок бомби, солзавец и гумени куршуми кон мигрантите.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.