МВР вчера издало потврди на речиси 4.000 мигранти

Министерството за внатрешни работи (МВР), во изминатите 24 часа, потврди за искажана намера за барање азил им издало на вкупно 3.965 мигранти, од кои најголем дел, односно 2.144 се сириски државјани.

Од 19 јуни, кога МВР почна со издавањето на потврдите, заклучно со денеска, вакви документи им се издадени на вкупно 207.905 мигранти, кои поминале низ територијата на земјава.

Од нив, според податоците на МВР, 126.366 се мажи, 30.442 се жени, 41.214 се деца што патуваат со придружба, а 9.883 се деца кои патуваат без родител.

Според земјата на потекло, најбројни се државјаните на Сирија (134.363), потоа на Авганистан (42.348), Ирак (16.022), Пакистан (4.390), Иран (3.691), Палестина (1.750), Сомалија (1.060), Бангладеш (947), Конго (499), Нигерија (262), Камерун (225) и на Еритреја (213).

Во изминатите 24 часа, информираат од МВР, до Одделението за азил не биле поднесени нови барања за признавање на правото на азил, со што вкупниот број на мигранти кои досега побарале да останат во земјава изнесува 70 лица.