fbpx

АХВ: Ако јадете во сендвичарници, избегнувајте сосови кои не се чуваат во фрижидер

-

Зголемувањето на дневните температури и актуелниот топлотен бран, кој според метеоролозите во одредени региони ќе донесе и над 40 Целзиусови степени, ги зголемува ризиците од појава на труење со храна. Во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), потсетуваат дека високите температури се потенцијална опасност и за здравјето на животните, доколку за нив навреме не се преземат мерки за обезбедување на доволни количини безбедна храна и вода за пиење.

„За да се спречи појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, да се купува храна од проверени места каде има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди“, велат во АХВ.

Оттаму апелираат да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што е месото, млекото, јајцата и друго да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Исто така, треба да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач.

„Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата“, велат во АХВ.

Ако се јаде во угостителски објекти, додаваат оттаму, треба да се води сметка тоа да се оператори со храна кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација.

„Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи. Ако сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте, фрлете ја“, потенцираат во АХВ.

Оттаму потсетуваат дека порастот на температурите е стрес за секое животно кој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст.

„Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Исходот може да биде фатален и во двата случаи доколку не се делува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата“, велат во АХВ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...