ЈП „Комуналната хигиена“ тврди дека исчистиле 150 диви депонии низ Скопје, бараат помош од државата

Расфрлано ѓубре на секој чекор е актуелната слика за Македонија денес; Фото: Архива на Мета.мк

Скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ во периодот јануари-јуни 2022 година исчистило приближно 150 локации на кои имало диви депонии во главниот град, информираат денеска од ова претпријатие. Од дивите депонии во првите шест месеци од годинава тие остраниле 5.872 тони отпад во речиси сите скопски општини, а се пофалија и дека во периодот од 21 март до 28 мај 2022 година, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје учествувало и во акциите за генерално чистење на општините што ги организирал Градот Скопје.

„Во првата половина од годината, Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје реализираше бројни акции и дежурства, во чиишто рамки беа изготвени вкупно 416 едукативно-информативни записници за правилно постапување со отпадот, наменети за граѓани и правни лица затекнати при прекршување на Законот за јавна чистота, односно одлагање отпад на јавни површини“, информираат од ова претпријатие за бројот на несовесни лица кои биле фатени како фрлаат отпад.

Новата в.д. директорка на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје Косана Мазнева, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека нивното претпријатие се приклучува кон иницијативата на Здружението на даватели на комунални услуги – АДКОМ за обраќање кон Владата на РМ, со цел да се изнајде решение за финансиска помош на јавните претпријатија.

„Имајќи предвид дека активностите и дејствувањето на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје се од витално значење за нормалното функционирање на градот Скопје и пред сè фактот дека нашето финансирање се одвива исклучиво преку наплатата на нашите услуги што поради новонастанатата ситуација е крајно отежната, ја поддржуваме иницијативата на АДКОМ за изнаоѓање институционално решение за излез од финансиската криза на јавните претпријатија во државата.“- изјави в.д.директорката на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Косана Мазнева.

Тие тврдат дека се соочуваат со драстичен пад на наплатата на побарувањата како од домаќинствата така и од правните субјекти, што го доведуваат во прашање извршувањето на примарните активности на претпријатието на терен. Додаваат дека цените на горивата за возниот парк на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје се зголемени за над 80 проценти во однос на минатата година, додека идентична е состојба и со цената на електричната енергија.

Дивите депонии во Скопје не се исчистени

И додека ЈП „Комунална хигиена“-Скопје се фали со постигнатите резултати од чистењето на дивите депонии, Мета.мк пред еден месец посети неколку локации, на кои со години наназад се фрла отпад од несовесни граѓани. Наместо исчистено ѓубре, на локациите околу Езерото Треска во општина Сарај, кај Железничкиот мост меѓу Трубарево и Горно Лисиче во Аеродром и во Карпош 4 покрај кејот на Вардар наидовме на нови количества на расфрлано ѓубре. Пред неколку дена, беше повторно запалена и дивата депонија во општина Шуто Оризари, која што пак предизвика загадување на воздухот во Скопје.

Да потсетиме, скопската градоначалничка Данела Арсовска во предизборието пред локалните избори лани вети дека во првите 82 дена од нејзиниот мандат ќе ги исчисти сите диви депонии што се наоѓаат на територијата на главниот град, а ваквото ветување до денешен ден не е исполнето.