fbpx

Аферата со протечени документи се зголемува – мошне сигурно дека барем дел се манипулирани

Кога се ќе се стави на купче, сè уште многу работи се нејасни. Многу е веројатно, бидејќи е потврдено од неколку извори, дека во целата операција има манипулација со дел од документите и намерно предизвикување дезинформации. Не се доволно истражени длабочината и сложеноста на последиците

-

Што се знае за аферата со протечените документи од САД до 10.04.2023 година? Аферата почнала да се развива уште од 28 февруари кога протекле првите документи. Протечени се засега околу 100 документи, од кои дел се од Пентагон и се однесуваат на војната во Украина. САД ги шпионирале освен Москва и Киев и други најблиски сојузници…Проценките на последиците сè уште не се конечни. Но, се чини мошне сигурна информацијата, дека барем некои документи се манипулирани и се наменети за дезинформирање…, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Аферата според американските медиуми започнала уште на крајот на февруари. Првата транша документи била објавена на 28 февруари, а втората на 2 март.

Фотографии од најмалку неколку десетици страници со строго доверливи документи беа објавени на 28 февруари и 2 март на платформата за размена на пораки „Discord“, која е популарна меѓу гејмерите, пишува денеска (10.04.2023) Радио Слободна Европа на македонски јазик.

Првата информација во РСМ дојде на 7 април, кога од повеќе медиуми во македонскиот простор  беше објавено дека протекле документи на Пентагон на социјалните мрежи. Медиумите се повикуваат на светски агенции и на „Њујорк Тајмс“, кој пак, на 6 април откри дека протечени документи се достапни на социјалните мрежи Телеграм и Твитер, „бидејќи тие еден ден претходно првпат беа објавени на форумот „4chan“, за оттаму да стигнат до Твитер и Телеграм“ (РСЕ).

 

Можни се и дезинформации, зашто некои документи биле изменети

Првичните оценки беа дека можеби станува збор и за обид за дезинформации и дел од разузнавачки игри, особено на руското разузнавање, бидејќи некои од документите беа изменети.

Модификациите укажуваат на можен обид за ширење дезинформации насочени од Москва, според аналитичарите. Но, објавувањето на дел од оригиналните документи, кои вклучуваат фотографии од графикони на очекуваните испораки на оружје, проценки на силата на баталјонот и други планови, претставуваат значително нарушување на безбедноста од страна на американските разузнавачки служби, пишува весникот, пренесе А1Он.мк

Нејасно е како документите завршиле на социјалните мрежи. Но, она што е познато е дека про-Кремљ каналите почнаа да ги споделуваат, според воените аналитичари, кои предупредуваат дека документите објавени од руски извори можеби се селективно модифицирани за да се претстават дезинформации поддржани од Кремљ, пишува А1Он.

Повеќе за информациите од првиот ден од откривањето на аферата може да се прочита во дел од онлајн медиумите кои можат да се најдат на агрегаторот Тајм.мк со датум од 7 април.

Објавени преку 100 документи

Сепак, веќе во текот на викендот стана јасно дека „ѓаволот ја однел шегата“, односно дека станува збор за еден од најголемите американски разузнавачки скандали, т.е дека протекувањето е од огромна природа.

Имено на 8 и на 9 април, втор бран разузнавачки податоци беа објавени на социјалните мрежи Телеграм и Твитер. Дел од медиумите во С. Македонија, повикувајќи се повторно на „Њујорк Тајмс“, пишуваат за бројките на протечените фајлови и за големата загриженост, не само во Вашингтон:

Како што пишува „Њујорк Тајмс“, аналитичарите запознаени со размерите на протекувањето доверливи информации велат дека очигледно се објавени повеќе од 100 документи, што, во зависност од степенот на тајност, може да биде многу штетно.

Висок претставник на американското разузнавање го нарече истекувањето „кошмар за Петте очи“, мислејќи на САД, Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд и Канада, кои својот разузнавачки сојуз и делењето чувствителните разузнавачки податоци го нарекоа сојуз „Пет очи“, наведува Слободен Печат на 08.04. 2023 г.

Веќе во понеделникот на 10 април, во македонскиот медиумски простор произлегоа нови детали од тоа што е протечено. Не само детали за состојбата на фронтот во Украина, туку и за капацитетите на украинската армија. Но, за да биде состојбата уште посложена за Вашингтон, протечените документи покажуваат дека воените и разузнавачките структури на САД шпионирале и блиски сојузници, како што се Израел, Јужна Кореја, украински официјални лица, меѓу кои и претседателот Володимир Зеленски, итн.

Потврда за манипулација на дел од документите

Дојче Веле на македонски јазик во понеделникот (10.04) објави детали за повеќе аспекти на аферата. Меѓу другото, ДВ пишува дека барем дел од документите се манипулирани, иако генерално сè уште не е расчистено ова прашање:

Нејасно е дали сите објавени документи се оригинални. Според телевизијата „Си-Ен-Ен”, соработници на американската влада генерално го потврдиле тоа, но „Вашингтон пост” кој, исто така, се повикува на информации од властите, тврди дека дел од документите се изменети. Тоа оди во правец на заклучоците од истражувачката мрежа „Белингкет” чии експерти успеале да докажат дека барем дел од документите содржински се отпосле манипулирани, пишува ДВ.

Истиот извор наведува дека се уште не се знае кој и како ги дисперзирал документите:

Нејасно останува кој ги има објавено документите кои на почетокот на март прво се појавија на платформата „Дискорд” омилена меѓу гејмерите, а потоа беа проширени преку мрежата „4чен”, додека не се појавија и на Твитер и на руските Телеграм канали. Голем дел од документите брзо беше избришан. Американското министерство за правда отвори истрага, а во фокусот пред сѐ се самите САД. Пристап до документите имале можеби илјадници припадници на властите, вели за „Вашингтон пост” еден соработник на Пентагон, пишува ДВ на 10.04.2023 г.

И поранешен висок функционер на Пентагон смета дека одговорноста е кај американски граѓанин/и што работи во некоја од институциите што чува вакви документи:

Истрагата е фокусирана на претпоставката дека документите „протекле“ од САД, бидејќи многу од објавените документи биле само во американски раце“, изјави за Ројтерс поранешниот висок функционер на Пентагон, Мајкл Малрој. „Многу од документите беа фотографирани, што сугерира дека тоа е намерно направено од некој кој сакал да им наштети на напорите на Украина, САД и НАТО, изјави Малрој, пренесува Макфакс.

Во веста се додава дека истрагата разработува неколку теории, од кои се издвојуваат протекување од „незадоволно лице“, или пак, од „крт“.

Во фајловите има и за проблемите на Украинците со ПВО системот С 300. Фото: Виталиј Кузмин/Викимедиа

Не се исклучуваат дезинформации против интересите на САД

Но, како што пишува Мета.мк (10.04.2023), американските власти не ја исклучуваат ниту опцијата зад кражбата да стојат проруски елементи, ниту пак, дека начинот на обработка е наменет и да ја залаже истрагата и за ширење дезинформации:

Американските власти рекоа дека истрагата е во рана фаза и дека тие што ја водат не ја отфрлиле можноста дека проруски елементи стојат зад протекувањето на документите, што се смета за едно од најсериозните безбедносни нарушувања по 2013 година.

Двајца американски функционери за Ројтерс вчера изјавија дека не ја отфрлаат можноста оти документите можеби биле изработени за да ги доведат истражните органи во заблуда за нивното потекло или за да шират лажни информации што може да им наштетат на безбедносните интереси на САД пишува Мета.

Кога се ќе се стави на купче, сè уште многу работи се нејасни. Многу е веројатно, бидејќи е потврдено од неколку извори, дека во целата операција има манипулација со дел од документите и намерно предизвикување дезинформации. Не се доволно истражени длабочината и сложеноста на последиците. Еден медиум, не наведувајќи детали, објави дека украинските генерали веќе почнале да ги менуваат плановите, но не наведе детали, додека пак, реакции со деманти или барање да се најдат одговорите има и од Израел и од Јужна Кореја.

Во секој случај, како што пишува Радио Слободна Европа, објавувањето на документите ги комплицираат односите со САД со сојузниците, а самите документи покажале дека САД се длабоко навлезени во руските безбедносни и воени служби, што може да и користи на Москва да ги затвори каналите од каде им протекуваат документите.

 

 

***

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Излезноста до 15 часот е 35,9 отсто, 7 отсто повеќе од 2019 година

До 15 часот на првиот круг на претседателските избори гласале 392.066 гласачи  од вкупно 1.092.341, односно 35,89 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Излезноста е повисока во споредба со процентот...