Денеска во 17 часот, на платото на скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, „Родителски пленум“ ќе има прва средба. Како што е наведено во поканата на фејсбук-страницата, родителите замолуваат сите да дојдат без партиски обележја и ставови. „Родителски пленум“ го сочинуваат родители на средношколци и на студенти кои се дел од двата пленума. Тие бараат да се стави крај на лошите образовни реформи, а повикаа и на потпишување на петицијата за поддршка на „Средношколски пленум“.
„Сите четири пленуми (студентски, професорски, средношколски, наставнички) се залагаат за темелни, издржани и усогласени реформи во образованието, како единствен и комплетен процес, од најниско до највисоко ниво. Нема причина „Родителски пленум“ да отстапи од овој став. „Стоп“ за лошите реформи во образованието на сите нивоа!“, порачуваат од „Родителски пленум“.