Глифосат: безбеден и ефикасен хербицид или потенцијално канцероген?

Европската агенција за безбедноста на храна и Агенцијата за храна и ветерина во САД редовно ја одобруваат неговата употреба, врз основа на научни истражувања, додека други студии покажуваат дека постои „голема веројатност“ дека тој е потенцијално канцероген и дека може да наштети на репродуктивното здравје

-

Ако сте земјоделец и треба да отстраните плевели или некои несакани растенија, ќе посегнете по некој хербицид, односно вид пестицид кој ги отстранува плевелите. Еден од најпопуларните хербициди во светот е глифосат. „Roundup“, најкористениот хербицид во САД, користи глифосат, а разни хербициди базирани на глифосат лесно се набавуваат во земјоделските аптеки во нашата држава.

Но, како и со сите останати пестициди, постои контроверзија околу безбедноста на глифосатот, за која слушаме од време на време на вести.

Неодамна, по светските медиуми се ширеа резултатите на студија во Франција, која покажа дека хербицидот глифосат бил присутен во крвта и во спермата на повеќе од половина од над 100 испитани неплодни мажи; тој особено бил присутен кај тие кои живееле во околината на фарми каде често се користел хербицидот.

Друга значајна студија за безбедноста на глифосатот е таа спроведена од Светската здравствена организација (СЗО), која заклучила дека е „многу веројатно“ оти глифосатот може да предизвика рак.

Истовремено, Агенцијата за заштита на животната средина во САД (ЕПА) ја одобрува неговата употреба, сметајќи дека глифосатот е безбеден за употреба. Со неа се согласува и Европската комисија (ЕК), која во 2023 година ја одобри употребата на популарниот хербицид. 

Организации за животната средина како „Гринпис“ апелираа да се забрани користењето на глифосат, и покрај тоа што голем број научници тврдат дека глифосатот е безбеден доколку се користи во препорачаните безбедни дози.

На прв поглед, може да се чини необично што има толкаво несоглсување меѓу различни експерти од научната фела. Но, малку подлабоко навлегување во темата ја открива комплексноста околу користењето на овој светски познат хербицид.

Станува збор за системичен хербицид, што значи дека не уништува дел од растенијата туку ги уништува цели. Тој исто така е неселективен, односно не дискриминира меѓу плевели и други растенија. Токму затоа најчесто се користи при обновата на почва која се подготвува за ново сеење, или за лозов и овошни насади постари од 3-4 години. Овие карактеристики на глифосатот се тоа што истовремено го прават ефикасен, но и потенцијално опасен доколку не се користи правилно.

Глисофатот бил регистриран како хербицид во САД во 1974, и оттогаш Агенцијата за заштита на животната средина во САД (ЕПА) редовно ја тестира неговата безбедност. ЕПА конзистентно го класифицира како безбеден.

„Заедно со глуфосинат, тие се третираат како хербициди кои не се штетни за животната средина поради ниската токсичност. Имено, оралната ЛД50 (летална доза за половина од животните врз кој се тестира) на глифосат за стаорец е над 5000 мг/кг, што ги прави овие хербициди практично нетоксични. За споредба, ЛД 50 за стаорец за парацетамол е 1205 мг/кг“, објаснува проф. Звонко Пацаноски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Глифосатот се користи ширум светот, вклучително и во Македонија, затоа што проблемите поврзани со плевелите ги решава подобро од кој било друг хербицид. Неговата популарност дури и поттикна сопственикот на Roundup, тогаш Монсанто а сега Бајер, произведува т.н. „Roundup Ready“ посеви, односно семиња, од посеви како соја и пченка, што се резистентни на глифосат.

Но, токму популарноста и ефикасноста на глифосатот и доведува до неговата прекумерна употреба.

Честата употреба на глифосат има доведено до тоа некои растенија да се резистентни или отпорни на него, што пак доведува земјоделците уште повеќе да го користат истиот, создавајќи циклус. Дополнително, „Roundup Ready“ посевите сами по себе ја поттикнуваат неговата употреба.

Познато е дека глифосат, кога се користи вон препорачаните дози, може да доведе до „загадување на почвата, загадување на подпочвените и површинските води и уништување на соседните култури“, објаснува проф. Пацаноски.

Влијанието врз животната средина може да влијае и на човечкото здравје. Во Шри Ланка, студија покажа дека имало силна корелација меѓу глифосатот во питката вода и епидемија на проблеми со бубрезите на островот. 

Дополнително, друга неодамнешна студија покажа дека бремени жени, кои живееле на фарми каде се користел глифосат (или во близина на нив), имале високи нивоа на хербицидот во својата урина. Во претходно споменатата студија со неплодни мажи, глифосатот бил присутен во крвта и спермата на 96 отсто од земјоделците кои биле дел од студијата, што поставува сериозни прашања за поврзаноста меѓу репродуктивното здравје и глифосатот.

Но, имајќи ги на ум овие студии како и заклучокот на СЗО дека глифосатот е „многу веројатно“ канцероген, повторно се поставува прашањето: ако сето тоа е точно, зошто ЕПА како и Европската агенција за безбедноста на храна (ЕАБХ), продолжуваат да ја одобруваат неговата употреба?

Според мета-анализа објавена од научното списание „Environmental Sciences Europe“, една од причините за разликата во проценувањето на безбедноста на глифосатот е тоа што студиите ЕПА ги гледале ефектите на глифосат при употребата во препорачаните дози, додека СЗО разгледувала студии кои гледаат како реално се користи глифосат, што е често е над препорачаните нивоа, токму и поради резистентноста на плевелите.

„Прекумерната употреба на што било, дури и водата, може да предизвика катастрофални последици, ако не се превенира и контролира. Исто е и со хербицидите. Прекумерната употреба на хербицидите, а тоа знаци нестручна, несовесна, несвесна и неодговорна примена, надвор од упатството за употреба и препораките на производителите, може да предизвика несакани ефекти по животната средина“, објаснува проф. Пацаноски.

Но, претходно споменатата мета-анализа потенцира и друга причина за разликите меѓу ЕПА и СЗО за заклучоците околу безбедноста на хербицидите. Имено, голем дел од студиите кои ЕПА ги зела предвид не биле стручно рецензирани и биле нарачани од производители на глифосат и производи кои го користат хербицидот – 99 отсто од тие студии не нашле корелација меѓу глифосатот и генотоксичност. За разлика од ЕПА, СЗО вклучила стручно рецензирани регулаторни студии во својата анализа, 70 отсто од кои покажале корелација меѓу глифосатот и генотоксичност. 

Но, бидејќи тој е толку евтин и ефикасен, земјоделците токму него го користат, често прекумерно. Безбедната употреба на глифосатот е најважна токму за земјоделците – значително помалку негативни здравствени последици се забележани кога се консумира храна која била испрскана со глифосат, во споредба со тоа кога некој е директно изложен на него. Имено, Агенцијата за храна и ветерина за Мета.мк потврди оти досега нема пронајдено значително високи нивоа на глифосат во храната која ја испитува, додека претходно споменатата студија со неплодни мажи не нашла разлика во нивоата на глифосат помеѓу тие кои воглавно јаделе органска храна (каде помалку се користат хербициди) и тие кои јаделе секаква храна.

Пацаноски потенцира дека за да безбедно се користи овој хербицид, потребно е да се обрне внимание различни фактори за да се осигури дека истиот нема да наштети на животната средина, како што апелираат агрономите и научната фела.

Професорот од од Факултетот за земјоделски науки и храна исто посочува дека треба да се внимава на временските услови при аплицирањето на глифосатот. Дождот може да доведе до тоа хербицидот да се промие од листовите и да стигне до почвата, а ветровите можат лесно да го разнесат. 

Пацаноски исто така препорачува да се ротираат различни хербициди при земјоделската работа, за да се избегне резистентноста на плевелите кон него. Тој препорачува и други методи вон користењето хербициди за негување на почвата.

„Со примена на механичките мерки, како косење, физичките мерки (употреба на пламен или прегреана водена пареа), агротехничките мерки (разни видови на навремена и квалитетно изведена обработка, плодоредот, користење на конкурентни хибриди и сорти, навремена сеидба со здрав и чист семенски материјал, правилно ѓубрење и нега на културите во текот на вегетацијата, се намалува притисокот врз хербицидите сшо ја прави нивната употреба корективна мерка“, препорачува Пацаноски.

Од еколошката организација „Гоу Грин“ преорачуваат и други методи за отстранување на несаканите растенија.

„Прво, може да се примени ротација на житните полиња- така штетникот никогаш нема да може да се задржи предолго. Друга опција е контролирањето на тревата или пак непосакуваното растение со животни. Сигурна сум сте гледале на филмови патки како ‘работат’ на оризови полиња – тоа е една прекрасна симбиоза. Конечно, употребата на  земјоделски машини може да помогнат во избегнувањето користење хербицид –  тоа е скапа практика, но не поскапа од здравјето“, вели Наталија Јовановска, Kоординатор на активности во Go Green.

Но и покрај овие алтернативни методи, глифосатот ќе остане популарен производ – тој е евтин, ефикасен и е користен и промовиран од најголемите фармацевстски компании. Тоа што останува е построго да се регулира неговата употреба, за да се избегнат штетни последици за животната средина, како и појасно и пореално да се зборува и едуцира околу како да се користи најефикасно и најбезбедно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Собирам пари за УКИМ“ – уметничка акција за истакнување на проблемите на студентите

Студентите кои денеска ги запишуваа своите трети, петти и седми семестри на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) налетаа на необична глетка - предмети како монитори, книги, јакни и...