Четиринаесетодишно момче кое ја нападна јужнокорејска пратеничка Бае Хјун-Џин со камен е испратено во установа за ментално здравје а полицијата продолжува да го истражува нападот врз пратеничката.
Гардијан соопшти дека осомничениот малолетник бил уапсен на местото на нападот во Сеул во петокот и испратен во болница откако бил интервјуиран во присуство на неговите родители.
Нападот во четвртокот се случи неколку недели откако маж го прободе опозицискиот лидер Ли Јае-Мјунг во вратот во јужниот град Бусан, што предизвика дополнителна загриженост за интензивно поларизираната политика во земјата.
Снимката од безбедносните камери го прикажува осомничениот, облечен во сива капа и маска како и се приближува на Бае во ходникот на зградата и навидум започнува разговор пред да ја удри со камен.
Тој продолжил да ја удира со каменот и откако таа паднала на земја. На видеото се гледа како Бае се спротивставува, мавта со рацете и го фаќа зглобот на тинејџерот, пред да се појави друго лице и да се обиде да интервенира.
Бае била пренесена во болница каде лекарите рекле дека избегнала сериозна повреда. Нејзината канцеларија објави фотографии од нејзиниот капут и џемпер испрскани со крв, кои наводно и биле презентирани на полицијата како доказ.
Пртеничката се смета за блиска со претседателот, Јун Сук Јеол, а канцеларијата на Јун издаде соопштение во кое го нарече нападот врз Бае „неприфатлив инцидент што мора строго да се истражи“.
Мотивот за нападот сеуште не е јасен.