Спортската академија четврти пат почнува потрага по спортски таленти во Република Македонија, кои ќе бидат дел од спортските паралелки во фудбал, ракомет, кошарка и во тенис во учебната 2015/2016 година, кои освен во Скопје, ќе бидат распределени и во Велес, Гостивар, Охрид, Штип, Прилеп, Струмица, Битола, Кавадарци и во Тетово, соопштија од Министерството за образование и наука.
„Целта на Спортската академија е учениците, спортски таленти, да се оспособат да постигнуваат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да станат членови на националните спортски селекции за фудбал, ракомет, кошарка и за тенис. Учениците ќе бидат подложени на посебна, специјално за оваа намена, креирана програма за образование и за тренинг“, стои во соопштението на МОН.
За работа со учениците, како што велат од Министерството, ќе бидат ангажирани стручни тимови составени од тренер и негов заменик и од физиотерапевт, а кандидатите за упис во прва година ќе бидат селектирани од стручна комисија.