Денеска се одбележува Денот на албанската азбука. По тој повод, честитка до припадниците на албанската етничка заедница во РСМ упатија претседателот Стево Пендаровски, претстедателот на Собранието Талат Џафери, како и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Чествувајќи го овој празник ја потврдуваме посветеноста на Република Северна Македонија кон негувањето на соживотот во македонското мултиетничко и мултијазично општество. Соживотот е плод на довербата која, пак, фаќа корен тогаш кога луѓето го почитуваат и поддржуваат идентитетот на другиот. Ваквата доверба е неопходна за поуспешно да се справуваме со нашите заеднички предизвици и да градиме праведно општество со еднакви можности за сите македонски граѓани“, истакна Пендаровски.
Според Мицкоски, Македонија е земја за пример во која се уважуваат и почитуваат јазичните и културните особености на сите нејзини граѓани.
„Оттука јазичното и културно богатство на Албанците во Македонија е нераскинлив дел од македонскиот мозаик, кој е пример за заедништво, взаемна почит и разбирање граден низ вековите. Албанците во Македонија знаат дека Македонците и сите останати кои живеат во државата се нивните најблиски со кои можеле и можат да ги споделат сите предизвици и тешкотии. Заедно ја делиме судбината и заедно мораме да ја градиме иднината“, наведено е во честитката од Мицкоски.
Џафери, пак, упати искрени желби за успеси и напредок на Албанците, каде и да се.
„Битолскиот конгрес, пред точно 114 години, беше собирот кој го донесе најценетиот продукт за еден народ, унифицираната азбука со која пишуваме, читаме и го шириме нашиот јазик, култура, обичаи, посебности и фолклорни традиции и уште поважно, азбуката со која се роди и го започна својот пат националната борба за културно
осамостојување на светско ниво и силна поддршка на националниот идентитет и
политичкото осамостојување на албанскиот народ“, наведено е во честитката од претседателот Џафери.