ТикТок во многу брзо време може да го надмине Јутјуб, особено кај младите лица. Корисниците во САД и Велика Британија веќе поминуваат повеќе време на прегледување видео содржини на ТикТок наспроти Јутјуб, пренесува Си-ен-ен. Очекувањата се дека овие најнови податоци ќе привлечат внимание и кај забавната индустрија, но и кај огласувачите низ светот.
Фирмата „Ап Ени“ која врши мониторинг на апликациите открила дека просечното време кое корисниците го поминуваат на ТикТок е поголемо од она на Јутјуб. Овие бројки се однесуваат единствено на телефоните со Андроид. Сепак, нивните податоци велат дека Јутјуб и понатаму има повеќе корисници од ТикТок, но и дека Јутјуб е лидер по вкупното време што го поминуваат корисниците во преглед на видео содржини.
ТикТок лани беше прогласена за најсимнувана апликација во светот во категоријата социјални мрежи, комуникација, фото, видео и забавни апликации. Јутјуб месечно има 2 милијарди корисници, додека во средината на 2020 година ТикТок имал 700 милиони корисници, пишува Би-би-си.