Корисниците во САД и Велика Британија повеќе време поминуваат на гледање видеа на ТикТок од Јутјуб

Photo by Olivier Bergeron on Unsplash

ТикТок во многу брзо време може да го надмине Јутјуб, особено кај младите лица. Корисниците во САД и Велика Британија веќе поминуваат повеќе време на прегледување видео содржини на ТикТок наспроти Јутјуб, пренесува Си-ен-ен. Очекувањата се дека овие најнови податоци ќе привлечат внимание и кај забавната индустрија, но и кај огласувачите низ светот.

Фирмата „Ап Ени“ која врши мониторинг на апликациите открила дека просечното време кое корисниците го поминуваат на ТикТок е поголемо од она на Јутјуб. Овие бројки се однесуваат единствено на телефоните со Андроид. Сепак, нивните податоци велат дека Јутјуб и понатаму има повеќе корисници од ТикТок, но и дека Јутјуб е лидер по вкупното време што го поминуваат корисниците во преглед на видео содржини.

ТикТок лани беше прогласена за најсимнувана апликација во светот во категоријата социјални мрежи, комуникација, фото, видео и забавни апликации. Јутјуб месечно има 2 милијарди корисници, додека во средината на 2020 година ТикТок имал 700 милиони корисници, пишува Би-би-си.