Денеска ќе се одржи првото издание на Дојран Рок Фест на плоштадот во Стар Дојран. Фестивалот, којшто претендира да постане традиционален во летниот период и во текот на наредните години, ќе биде отворен со настапот на пет различни музички групи од земјава, и тоа: Bad Obsession, High Voltage, Cruel, Daktili и The Chicks.
„Особено сме горди и посебно возбудени за овој проект бидејќи излегуваме од границите на градот Скопје и се упатуваме кон нашиот бисер на југот Дојран“, соопштуваат организаторите на фестивалот.
Настанот е финансиски поддржан од Министерството за култура, а организаторите ги потсетуваат сите посетители дека мора да се придржуваат до мерките пропишани за одржување на јавни настани и одржување на пропишаната физичка дистанца за заштита од ширењето на ковид-19.
„Исто така планираме овој фестивал да биде традиционален и да влезе во агендата на летни фестивали кои во екот на туристичката сезона ќе привлечат уште повеќе млади лица во Дојран“, велат организаторите на фестивалот.