Фото: Steven Cornfield on Unsplash

По вчерашната проценка на Европската агенција за лекови (ЕМА) дека вакцината Астра Зенека во многу ретки случаи може да предизвика згрутчувања на крвта кај лицата што ја примиле, министрите за здравство на ЕУ одржаа вонредна виртуелна средба на која не се договорија да изготвуват заеднички упатства за употреба на оваа вакцина. Во меѓувреме, Шпанија го ограничи користењето на вакцината за лица над 60 години, откако ЕМА вчера ја објави проценката, јавува Би-би-си.

Еврокомесарката за здравство Стела Кирикидес на виртуелната средба од министрите за здравство на земјите-членки побара координиран европски пристап во однос на натамошната употреба на оваа вакцина, кој нема да поттикнува недоверба кон вакцините и би ги збунил граѓаните. И покрај ваквото барање од Брисел, вчера европските земји не успеаа да се договорат, што значи дека секоја земја-членка ќе продолжи да си определува различна гранична возраст за вакцината Астра Зенека.

Наспроти ова, од Европската агенција за лекови вчера повторија дека придобивките од вакцинирањето со Астра Зенека ги надминуваат ризиците што би можеле да произлезат од вакцинирањето, препорачувајќи да продолжи користењето на оваа вакцина за сите возрасни групи.

И покрај проценката на ЕМА, 17 земји-членки на ЕУ воведоа рестрикции во користењето на вакцината Астра Зенека, пишува Гардијан. Притоа, во некои земји (Белгија и Франција) оваа вакцина се инјектира на лица постари од 55 години, други (Италија и Шпанија) одлучија да ја даваат на граѓаните постари од 60 години, додека финските власти одлучија со вакцината Астра Зенека да ги имунизираат постарите лица од 65 години.