Собранието на Република Македонија во рамки на денешното продолжение на 53-тата седница едногласно со 78 гласа „за“ одлучи Предлог законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка, да се разгледува по завршување на лидерската средба која е во тек во Клубот на пратениците.
Претходно едногласно, со 61 глас „за“ и без присуство на опозицијата Собранието ги разреши од функцијата претседателот и членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка во работен однос во втор степен.
Едногласно и без расправа, но во присуство на опозицијата пратенците ја донесоа и завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2017 година.
Беа донесени и Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, Законот за работно време на мобилните работници во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај со кој, исто така, се врши усогласување со европската легислатива, како и Законот за изменување на Законот за безбедност на производите, на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали, на Законот за заштита на потрошувачите, и на Законот за пратениците, поднесен од пратеници од владеачкото мнозинство.