Со почеток во 14 часот, новата влада предводена од Зоран Заев денеска ќе ја одржи првата седница.
На веб-страницата на Владата нема информации за дневниот ред, но се очекува, според досегашното искуство со владите, на седницата да се дискутира за новите имиња на раководните позиции во вториот и во третиот ешалон. За заменичките позиции во министерствата се очекува кандидати да предложат сите партии што влегоа во владиниот состав, како и партиите што влегоа во Коалицијата за живот во Македонија, која СДСМ ја предводеше на изборите во декември.
На оваа седница можеби ќе се избере и нов генерален секретар на Владата и нов директор на владината Служба за општи и заеднички работи.
Претходно, точно напладне е закажана средба помеѓу премиерот Зоран Заев и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар.