Министерството за локална самоуправа денеска испратило писмо до новоизбраниот претседател на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, со кое бара парламентот во најкус можен рок да направи измени на Изборниот законик за да може општините да продолжат да функционираат и по 15 мај, кога им истекува мандатот на градоначалниците и на советниците.
„Со оглед на настаната состојба поради нераспишувањето на локалните избори и истекот на мандатите на членовите на советите на општините и на градоначалниците на 15 мај, како и по одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка по иницијативата на Министерството за локална самоуправа, Министерството за локална самоуправа денеска испрати писмено барање до претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, за во најкус можен рок да бидат преземени потребните дејства и мерки со кои би се обезбедило уставно и законско функционирање на органите на единиците на локалната самоуправа“, велат од Министерството за локална самоуправа.
Оттаму додаваат дека барањето е испратено до претседателот на Собранието бидејќи датумот на одржување на локалните избори, како и начинот, условите и постапката за избор на членовите на советите и на градоначалниците се уредени со Изборниот законик, а според членот 12 став, став 1 од законот, актот за распишување на изборите го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејства и денот на одржувањето на изборите.