Покривна конструкција во должина од околу дваесетина метри од фирмата „Унибау“ во тетовското село Доброште, околу 1 часот по полноќ паднала и зафатила дел од локалниот пат во селото.
Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски, информира дека покривната конструкција паднала поради силниот ветер што изминатата ноќ го зафатил Полошкиот Регион.
– Екипи на полицијата веднаш го обезбедиле местото од падот на покривот на патот што го отежнал сообраќајот, а сопственикот на фирмата Т.И. (54) самостојно ангажирал механизација и за околу еден час го отстраниле покривот и ги санирале последиците – рече Јосифовски.
Тој посочи дека на барање на Т.И. не бил извршен увид и оти тој не побарал проценка на материјалната штета од падот на покривната конструкција од неговиот објект.