Швајцарската авиокомпанијата „Германија флуг АГ“ ќе воведе директни редовни летови од Охрид до Цирих од 17 декември.
Тие се реализираат во соработка со тур-операторот „Ер Приштина“ и билети веќе можат да се резервираат на интернет-страницата www.airprishtina.com.
Според договореното меѓу „ТАВ Аеродроми“ и „Германија флуг АГ“, авиокомпанијата ќе оперира еднаш неделно во зимскиот ред на летање, а бројот на летови ќе се зголеми на двапати во неделата во текот на летото следната година.
– Очекуваме оваа рута да служи како добра врска помеѓу Македонија и Швајцарија, но и да функционира како линк меѓу Германија, особено нејзиниот јужен дел – истакна Серкан Карахатај, маркетинг-координатор во „ТАВ Аеродроми“.
Во првите 10 месеци од 2016 година, во споредба со истиот период лани, бројот на патници на двата аеродрома, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, е зголемен за 16 отсто и е достигнат вкупен број од 1.534.591 патници.
Во истата временска рамка, од јануари до октомври годинава, бројот на полетувања и на слетувања е зголемен за 11 проценти, односно реализирани се вкупно 14.406 летови.