Шефовите на воените разузнавачки служби на земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ), меѓу кои и од Македонија, денеска расправаа за опасностите од мигрантската криза и за радикализацијата на националниот екстремизам, кој води до тероризам.
Состанокот кој се оддржува во Кишињев, Молдавија, е во рамките на регионална иницијатива со која претседава Регионалниот совет за соработка (РCC) и една од земјите од ЈИЕ кои се менуваат годишно, а во моментот тоа е Молдавија.
– Професионалците кои се занимаваат со военото разузнавање се во најдобра позиција да најдат начини за надминување на неконвенционалните безбедносни закани, вклучувајќи ја тука и миграцијата од огромни размери – изјавил државниот секретар во министерството за одбрана на Молдавија, Аурел Фондос.
Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Горан Свилановиќ, како што соопшти РCC, предупредил дека заканите постојат и повикал на прагматична заедничка соработка.
– Нашиот регион се соочува со бројни домашни предизвици, но и со тие што потекнуваат од други делови од светот. Што се однесува до регионалната соработка, треба да бидеме прагматични, ефективни и да се свртиме кон резултатите – изјавил Свилановиќ.
Соработката во безбедносниот сектор е во рамките на Процесот за соработка во ЈИЕ (SEECP), чие оперативно тело е Регионалниот совет за соработка, а основач и полноправен член на процесот е и Македонија.