Министерството за надворешни работи на Русија издаде соопштение во кое се наведува дека „Русија има право да распореди нуклеарно вооружување долж целата својата територија, вклучувајќи го и Крим“.
– Русија очигледно има право на распоредување нуклеарно оружје на својата територија, а тоа ја вклучува и опцијата за стационирање нуклеарен арсенал на Крим, доколку за тоа има потреба – изјави директорот на секторот за прашање за неширење и за контрола на вооружувањето при руското Министерство за надворешни работи, Михаил Уљанов.
Уљанов додаде дека американскиот ракетен штит претставува главна точка на сопнување во односите меѓу САД и Русија и дека разговорите за нуклеарно разоружување меѓу двете земји „не изгледаат позитивно“.
– Ќе потврдам по којзнае кој пат. Нам ни треба доказ дека тој систем не е вперен кон Русија. Досега сме добиле само усни потврди, но никаде тоа не го гледаме на хартија – вели Уљанов.