За руската агенција „Спутњик“ земјава е „С. Македонија“


       
Скопје, 24 октомври, 2018 - 11:57 (META) 

Руската новинска агенција „Спутњик њус“, порано позната како „РИА Новости“ и „Гласот на Русија“ веќе ја преименува Република Македонија во Северна Македонија.

Со наслов „Грција, С. Македонија, почнаа да разговараат и покрај идентитетскиот конфликт“ руската агенција која е дел од владиниот медиумски конзорциум „Росија Сегодња“, во понеделникот објави интервју со професорот Неофитос Лоизидес од универзитетот на Кент, Велика Британија за најновите случувања околу Договорот со Грција и деценискиот спор на двете земји, а во насловот земјава ја наведе како „С. Македонија“.

Со оглед на фактот дека станува збор за државна новинска агенција, која е директно под капата на руската влада, преименувањето би можело да се сфати како сигнал на официјалната руска политика дека уставните измени во македонското Собрание се веќе готова работа, и Македонија ќе го прифати името Северна Македонија, како главен сегмент на Договорот од Преспа.