Вучиќ ја искритикува Српската православна црква поради Косово


       
Белград, 8 ноември, 2018 - 11:58 (META) 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави денеска дека е засегнат од „лошто мешање“ на Српската православна црква (СПЦ) во политиката за Косово, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

По повод соопштението на Соборот на СПЦ, „дека по ниту една цена не смее да се доведе под знак прашање суверинитетот и интегритетот на Србија на Косово“, Вучиќ пред новинарите на српските медиуми во Хелсинки изјавил дека суверинитетот го чуваат територијата, војската и народот и прашал „што од тоа, Србија има на Косово“.

„Целосен суверинитет би значел дека Србија воведува војска и полиција на Косово“, изјавил Вучиќ и додаде дека тоа е неодговорна политика и дека не би сакал да ризикува, туку да го чува српскиот народ.

Соборот на СПЦ оценил синоќа дека „Косово и Метохија никогаш не било и не може да биде само политичко прашање за чие што решавање, монопол имаат исклучиво државните органи“ и дека „по ниту една цена не смее да се доведе под знак прашање целосниот суверинитет и интегритет на Србија на Косово и Метохија.“

Во соопштението, по вонредното есенско заседавање на Соборот на СПЦ, се наведува дека „каков било потпис со кој би се овозможило признавање на Косово, учество во ОН или одрекување на Србија од него под која било форма, засекогаш ќе го укине секое историско право на Србоја на тие просторите, кои се темели на нејзината духовност и државност.“