!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ реагира за унапредување полицајци во Гевгелија и за автопатот Демир Капија – Смоквица


       
Скопје, 12 октомври, 2017 - 16:39 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска на две прес-конференции го обвини владејачкиот СДСМ дека е во паника и за партиски интереси деградира и унапредува полицајци, како и дека намерно не го пуштил во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица, иако бил готов.

– СДС ги губи изборите и во Гевгелија. Затоа Спасовски е во паника и носи решенија спротивни на закон за да ги задоволи партиските послушници. Со издавање „писмени наредби“ со важност од 30 дена во екот на предизборната кампања, на само четири дена дена до изборите, се унапредени и разрешени полициски службеници по неколку скалила од системот на кариера. Ова е беззаконие и за ваквите предизборни партиски комбинаторики ќе следи одговорност – рече Милан Стефаноски на прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

На друга прес-конференција Крсте Јовановски, пак, ја обвини Владата на СДСМ дека беспотребно ќе потрошела 850.000 евра преку нов анекс-договор за надзор, иако, како што рече тој, автопатот веќе бил готов.

– Значи, готов автопат, намерно го одолжуваат пуштањето во употреба поради изборите, а граѓаните тоа ќе го платат со 850.000 евра. Скандалозен анекс кој не се однесува на градежни работи, туку на надзор. Со ова, почитувани граѓани, се врши директна злоупотреба на вашите пари и се отвора сомнеж за тежок криминал кој СДС, Заев и Сугаревски свесно сакаат да го направат – обвини пратеникот Јовановски.