fbpx

ВМРО-ДПМНЕ не сака јавна расправа за кандидатите за ААВМУ и Советот на МРТ

-

Со јавна расправа за кандидатите за Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизелни медиумски содржини (ААВМУ), како и на Програмскиот совет на МРТ ќе се направи непотребно оцрнување и линч и ќе се наруши нивниот углед, беше аргументот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на денешнотото второ продолжение на 17-та седница на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, на која се дискутираше за 3. и 4. амандман за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во второ читање.

На почетокот на седница Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ, која ја водеше седницата како заменик-претседател на комисијата, предложи двата амандмани, поднесени од две групи пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи се идентични, да се разгледуваат како еден. Интересно е што како предлагач и на двата амандмана отпосле се приклучил Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Откако беше прифатено двата амандмана да се гледаат како еден, почна расправата со неколку обраќања, реплики и контрареплики, што во ја зовре атмосферата. Тогаш избувна расправија колку реплики и контрареплики се дозволени, а во еден момент дофрлаше и министерот Манчевски, по што Лашкоска остро го опомена да не дофрла и да не се заканува на пратеници во Собранието.

Аргументите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беа дека не треба да има јавна расправа за кандидатите за членови на Советот на ААВМУ, бидејќи така многу кандидати кои се способни ќе бидат оцрнувани.

– Ако сакате јавност, тогаш зошто не организиравте јавни расправи и за сите тие советници на премиерот или за раководни органи на институции или директори на јавни претпријатија, што се избрани во Собрание и Влада, туку си ги вдомивте без расправа. Досега ги вдомивте луѓето што требаше да ги вдомите, па сега глумите транспарентност – рече Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ, која тврдеше дека ниту една земја во регионот нема такви законски решенија и дека станува збор за „лошо препишан закон“.

Министерот Дамјан Манчевски, како претставник на Владата, предлагач на законските измени рече дека амандманот нема да се прифати, бидејќи тоа ќе значи бришење на јавната расправа, што се предлага како законска измена.

– Ова е спротивно на интересите на граѓаните. Треба кандидатите да излезат и да се претстават. време е да прекине практиката граѓаните да дознаваат отпосле кој е избран – рече Манчевски.

Пратеникот Диме Велковски од СДСМ во еден момент ја прекина дебатата на пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ со Благоја Деспотовски од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали амандманите се добри или лоши и за тоа каква е состојбата на медиумите, велејќи дека претседавачот на комисијата треба да ги прекинува сите дискусии во кои не се зборува за дневниот ред, оти ако така се продолжи, седницата ќе трае многу долго, бидејќи има уште 70 амандмани.

Според Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, не е во ред со измени на закон да се менуваат регулаторни тела кои биле избрани согласно закон и коишто сè уште имаат мандат.

-Така се создава преседан, и утре-задутре некоја нова власт ќе си донесе закон и ќе го смени тоа регулаторно тело, односно неговиот мандат. Второ, со таква пракса сите идни членови на тоа регулаторно тело ќе имаат в глава дека не треба да се вложат, оти утре-задутре ќе бидат сменети – рече Илиоски пред камери, откако седницата беше прекината и беше прогласена пауза.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...