!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Медведев: САД ни објавија трговска војна, нема веќе надеж


Москва, 3 август, 2017 - 11:16 (META) 

Рускиот премиер Димитри Медведев рече дека САД со воведувањето нови санкции ѝ објавиле трговска војна на Русија и додаде дека нема надеж дека односите на двете земји ќе се подобрат.

Медведев е уверен дека тие мерки нема да имаат смисла и дека Русија и без разлика на санкциите, ќе има можност да се развива.

– Прво, надежта дека ќе се подобрат нашите односи со новата американска администрација е мртва. Второ, објавена ѝ е трговска војна на Русија – рече Медведев.

Рускиот премиер смета дека санкциите се целосно бесмислени и додаде дека Русија претходните години научила да ја развива својата економија во услови на „речиси целосно затворени финансиски пазари“.


САД се подготвени да соработуваат со Русија околу Сирија


Вашингтон, 6 јули, 2017 - 10:29 (META) 

САД се подготвени да соработуваат со Русија за со заеднички сили да ја стабилизираат ситуацијата во Сирија, изјави американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон.

Тилерсон изјави дека САД сакаат да разговараат со Русија за прекин на огнот на копно и да го координираат испраќањето помош на Сиријците.

– Доколку нашите две земји работат заедно на воспоставување стабилност на теренот, тоа ќе постави темел за напредок во решавање на политичката иднина на Сирија – рече Тилерсон пред самитот на Г20.

Тој додаде дека Русија има обврска да ја спречи владата на сирискиот претседател Башар ал Асад да користи хемиско оружје.

Претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, ќе се состанат на маргините на самитот на Г20, кој утре почнува во Хамбург и, како што изјави Тилерсон, Сирија ќе биде една од темите за кои ќе се разговара.


Најмалку деветмина загинати во самоубиствен бомбашки напад во Дамаск


Дамаск, 2 јули, 2017 - 11:51 (META) 

Најмалку девет лица загинале, а 12 се повредени во самоубиствен бомбашки напад кој денеска се случил во источниот дел на главниот град на Сирија, Дамаск, соопштила сириската опсерваторија за човекови права, јавуваат светските агенции.

„Властите беа во потера по три возила наполнети со експлозив и успеаја да детонираат две на патот кон аеродромот. Третото возило беше опколено на плоштадот Ал-Гадир кога терористот го активираше експлозивот и уби и рани поголем број луѓе“, соопштила сириската државна телевизија.

Агенцијата САНА, пак, пренесе изјава на полицијата, во која се вели дека терористите ги кренале во воздух трите возила.

Дамаск претежно е поштеден од борби во војната што почна во 2011 година, но е цел на самоубиствени бомбашки напади.

Кон средината на март оваа година, во два напади во Дамаск, за помалку од два часа, загинаа најмалку 32 лица, а во двојниот напад што се случи пет дена претходно, настрадаа 74 луѓе. Одговорноста за нападот тогаш ја презеде Ал каеда во Сирија.


ОН: Низ светот раселени се 65,6 милиони луѓе


Њујорк, 19 јуни, 2017 - 21:06 (META) 

Рекордни 65,6 милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови до крајот на 2016 година, поради војни, насилство и прогон, информираат од Обединети нации.

Оваа бројка претставува скок од 300.000 раселени лица од крајот на 2015 година, но е за повеќе од шест милиони поголема од крајот на 2014 година, се наведува во извештајот на УНХЦР.

– Ова е најголемата бројка од кога го бележиме бројот на раселени лица. Ова е неприфатлив број, кој сведочи погласно од кога било за потребата од солидарност и од заедништво во решавање на кризата – изјави шефот на УНХЦР,Филипо Гранди.


Преговорите за Сирија продолжуваат на 12 и на 13 јуни во Казахстан


Москва, 3 јуни, 2017 - 16:52 (META) 

Преговорите за ставање крај на војната во Сирија, под покровителство на Русија, Иран и на Турција, ќе продолжат на средината на овој месец во главниот град на Казахстан, Астана, изјавил денеска сирискиот амбасадор во Москва, Ријад Хадад, јавуваат светските агенции.

„Дамаск доби покана за преговори во Астана за 12 и 13 јуни“, изјавил Хадад.

Извори блиски до сириската опозиција навеле дека сè уште не добиле покана за состанокот.

Руските власти неодамна соопштија дека во јуни ќе има нова рунда преговори во Астана, без да прецизираат датум.

Властите во Казахстан, како земја во која се одржуваат преговорите, навеле дека не можат да ја потврдат, ниту да ја демантираат информацијата за продолжението на преговорите.

На последниот состанок, што се одржа во мај, учесниците го прифатија планот на Русија за воведување безбедносни зони, како дел од напорите за воспоставување трајно примирје во земјата.


Јовановски го тргна „воинствениот“ статус со кој го запали „Фејсбук“, но најавува нова акција


Скопје, 16 февруари, 2017 - 17:02 (META) 

Актерот Владо Јовановски го избриша спорниот статус на неговиот „Фејсбук“ профил по бурната реакција и големиот број на коментари на социјалните мрежи – често преполни со говор на омраза, но денеска стави нов и напиша дека не се крие и дека „уште денес ќе го видат, а можеби и утре и задутре“.

Тој вчера на „Фејсбук“ сподели статус во кој меѓу другото напиша дека „ќе има нова војна“:

Фауст од Муртино потпишал. Своерачно го потпишал договорот. Го потпишал со крвта на загинатите бранители, од сегашните и минатите војни. На тој слуга, гласот му го дадоа триста и педесет илјади заблудени граѓани. Има и такви кои велат дека ѓаволот ги измамил, дека биле несвесни. Како и да е, после е..ње нема каење. Само, штетата што ја направи таа црпка е голема. Ќе има војна! Нова војна ќе има! Црпко, никој не сака во твојата кожа да биде.

По големиот број на реакции, особено од негови колеги, тој вчера го избриша статусот, но денеска напиша нов во кој порачува дека не се крие и дека „уште денес ќе го видат, а можеби и утре и задутре“:

Сите куртони кои онанираат на своите профили дека Владо Јовановски исчезнал или се сокрил, да ги утешам дека уште денес ќе ме видат, а можеби и утре и задутре.. Многу куртони ве има, не сакам со секого поединечно да се расправам, имам поважни работи во животот. Особено не со еден икористен презерватив, самозамислен глумец и писател. Не е хигиенски.


Сирија ги повикува сите бегалци да се вратат дома


Дамаск, 30 јануари, 2017 - 18:56 (META) 

Министерот за надворешни работи на Сирија, Валид Муалем, ги повика бегалците од таа земја да се вратат во своите домови.

Тој го повтори владиниот повик до сириските бегалци кои живеат во соседните држави да се вратат во својата земја.

Муалем не ја спомнал директно забраната за влез во САД, која на државјаните од Сирија им ја воведе администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

Кога Муалем се сретнал со високиот комесар за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Филип Гранди, му нагласил дека Сирија е подготвена да ги прими назад бегалците и да им гарантира достоен живот.

Во граѓанската војна во Срија, која почна во 2011 година, загинаа повеќе од 310.000 лица.

Според наводите на УНХЦР, војната принудила 4,8 милиони луѓе да побегнат од Сирија. Турција примила повеќе од 2,7 милиони сириски бегалци, а Либан повеќе од еден милион.


Светот како да се подготвува за војна, оценува Горбачов


Москва, 27 јануари, 2017 - 13:44 (META) 

Последниот лидер на СССР, Михаил Горбачов, смета дека најголем од многуте проблеми што ги има светот е милитаризирачката политика и новата трка во наоружување.

Горбачов во својот коментар за магазинот „Тајм“, наведува дека политичарите и воените лидери звучат сè повоинствено, а одбранбените доктрини стануваат сè поопасни.

„Аналитичарите и телевизиските личности се придружуваат кон воинствениот хор. Изгледа како светот да се подготвува за војна“, вели Горбачов.

Човекот кој го водеше Советскиот сојуз од 1985 година до неговиот распад во 1991 година, вели дека проблемот мора итно да се реши и предупредува дека моментот за дејствување веќе е пристигнат затоа што НАТО и Русија сè повеќе го приближуваат вооружувањето еден кон друг.

„Наместо тероризмот да биде прв приоритет, фокусот би требало да биде на спречување војна, на запирање на трката со вооружувањето и на намалување на арсеналот“, вели Горбачов.

Тој го повикува Советот за безбедност на Обединетите нации да усвои резолуција во која ќе стои дека „нуклеарната војна е неприфатлива и дека не смее никогаш да почне“.

„Луѓето кои треба да ја протуркаат таа резолуција се Доналд Трамп и Владимир Путин, кои заедно контролираат повеќе од 90 отсто од светското нуклеарно вооружување“, вели Горбачов.

Во рацете на Трамп од пред неколку дена се кодовите за нуклеарно вооружување, што новиот американски претседател го опиша како „нешто многу застрашувачко“.


Лавров: Не смее да се дозволи вооружен конфликт на Балканот


Москва, 17 јануари, 2017 - 13:15 (META) 

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, рече дека војна на Балканот не смее да има, како и дека на албанските сили не им е местото на северот на Косово и Метохија.

Тој го истакна ова на годишната конференција на руското министерство за надворешни работи, на кој една од темите беа и неодамнешните „искри“ помеѓу Белград и Приштина.

– Силите на косовските Албанци не треба да бидат присутни на северот на Косово и Метохија, кој е населен со Срби – рече Лавров.

Тој се осврна и на приказните што се појавија во јавноста за „војна на Балканот“.

– Се надевам дека сите сфаќаат дека не смее да се дозволи да избие вооружен конфликт на Балканот – истакна Лавров.


Потребен е целосно нов пристап за спречување војни, смета Гутереш


Њујорк, 11 јануари, 2017 - 10:10 (META) 

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, повика на „целосно нов пристап“ како да се спречат војните.

Во првото обраќање пред Советот за безбедност на ОН откако стапи на функција, Гутереш рече дека е потрошено премногу време и средства за одговарање на кризите, наместо за нивно спречување.

– Луѓето плаќаат превисока цена. Потребен ни е целосно нов пристап – рече тој.

Тој оцени дека премногу шанси за превенција на кризи се пропуштени затоа што државите членки на ОН немале меѓусебна доверба.

– Денеска е потребно да покажеме поголемо лидерство и зајакнување на капацитетите и на авторитетот на ОН, ставајќи го мирот на прво место – истакна Гутереш.