!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кривични пријави за вработени во Општина Прилеп за незаконско легализирање деловен простор


Прилеп, 24 октомври, 2017 - 15:49 (META) 

Кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување поднела полициската станица од Прилеп, против раководителот на секторот за урбанизам во Општина Прилеп, како и против уште четворица вработени во Општината, еден геометар и директорот на „Пелагонија турс“ од Прилеп, поради незаконска легализација на деловен објект, соопшти МВР.

Пријави добиле И.К. (61), раководител на сектор за урбанизам во Општина Прилеп, И.Ч. (66), раководител во одделение за урбанизам во Општина Прилеп, како и К.Б. (60), член на комисија за утврдување на фактичка состојба на лице место во постапки за легализација и Б.В. (62), исто така член на комисијата. Пријавен е и С.К. (61), управител на ДОО ,,Пелагонија турс“ Прилеп, како и П.И. (50), геодет, вработен во ГПС ,,Премер“ ДООЕЛ Прилеп.

Според полицискиот билтен, првопријавениот И.К., од 25 август 2011 година до 22 ноември 2013 година, во договор со другите пријавени, презел дејства за легализација на деловен објект кој не можел да биде предмет на постапување во согласност со Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Со тоа пријавените овозможиле „Пелагонија турс“ ДОО Прилеп да стане сопственик на деловен  простор на приземјето од станбено-деловна зграда на улицата Маршал Тито во Прилеп, со што го оштетиле буџетот на Република Македонија за 7.995.000 денари (130.000 евра).


Скопје и Тетово се загадени поради големиот и брз урбан развој без еколошки стандарди


Тетово, 19 мај, 2017 - 16:10 (META) 

Аерозагадувањето во Скопје и во Тетово е резултат на нивниот голем и брз урбан развој, кој се одвива без да се запазат основните урбанистички и сообраќајни стандарди. Ова е ставот на дел од учесниците на Меѓународната конференција на применети науки, која се одржа на Државниот универзитет – Тетово.

Професорот Вулнет Палоши смета дека градот треба да се развива на основа на генерален урбанистички план. Но, наместо тоа, во градот се носат урбанистички планови за неколку објекти, без да се утврди дали тој план содејствува со другиот дел од градот, вели Палоши.

– Добро е што Тетово се развива, има студенти, има трговија, за сето ова се потребни градби. Тие градби се градат, но не се градат планирано, во содејство со другиот дел од градот, туку парцијално. Ние во Тетово не можеме да се потпреме на генералниот урбанистички план, затоа што е стар и затоа се носат парцијални урбанистички решенија за градби, кои кога се градат, не се внимава дали ќе му пречат некому или ќе ја запрат ружата на ветрови. Затоа потоа воздухот се загадува, во градот се намалува провевот – рече професор Палоши.

Професорот Миле Димитриевски, кој учествуваше на конференцијата, вели дека за прочистување на воздухот, ќе треба сите макотрпно да работиме и дека проблемот не се решава наеднаш.

– Ние сите работевме повеќе од една деценија да го загадиме воздухот, сега ќе треба толку да работиме да го прочистиме воздухот. Треба да работиме да го дислоцираме поголемиот дел од сообраќајот од градот, преку изградба на обиколница за град Тетово, треба да ја дислоцираме и дивата депонија, каде повеќе од една деценија се таложи ѓубрето. Како што сме работеле на уништување на зеленилото, така треба сега да работиме на негово засадување. Треба да ги намалиме возилата кои циркулираат на квадратен метар. За сето ова е потребно време и затоа овие чекори треба да ги почнеме да ги реализираме, затоа што доцниме – рече Димитриевски.

На Меѓународната конференција за применети науки беа презентирани 120 научни трудови од областа на архитектурата, геодезијата, сообраќајот и на инженерството.