Предавања „Утописки урбанизам и глобален град“ во МСУ по повод годишнината на скопскиот земјотрес

Илустрација: МСУ

На тремот од Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ), вечерва со почеток во 20 часот, во рамките на јавната програма со наслов „Утописки урбанизам и глобален град“ предавања ќе одржат Саскија Сасен, професорка по социологија на Универзитетот Колумбија во САД и Ана Ивановска – Дескова, професорка на Архитектонскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Предавањата се одржуваат на денот кога се случи катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година.

Програмата ќе се заокружи со промоција на каталогот за „Скопје, одново“, кој вклучува текстови на Мира Гаќина, Кејт Мери Барнс, Кумјана Новакова, Ана Кац, Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков и Љубица Спасковска.

Оваа програма е практично заокружување на проектот „Скопје, одново“, кој во 2019 година со изложба, која во фокусот го стави процесот на основањето на музејот и неговата исклучителна меѓународна колекција, со посебен акцент на американските уметници, беше реализирана во организација на Музејот на современата уметност – Скопје и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија. Кураторки на изложбата беа Ана Кац од Музејот за модерна уметност во Њујорк – МоМА и Кумјана Новакова од МСУ – Скопје.

Презентaцијата на проф. Саскија Сасен ќе се фокусира на концептите на утопистичкиот урбанизам и глобалниот град, додека предавањето на проф. Ана Ивановска – Дескова ќе се однесува на проектот на солидарноста и неговото значење за Скопје.