Репортажа од Долњи Витковице: Од напуштена фабрика до креативен уметнички и образовен центар [фото]

Фото: Мета.мк

Трансформацијата и реадаптацијата на напуштените индустриски комплекси во Скопје засега остануваат само на хартија како идеи на стручната јавност и граѓанските иницијативи како да се искористи напуштениот простор за добробит на целото општество. Со исклучок на трансформацијата на поранешниот магацин на АРМ во Центар за дизајн и иновации „Јавна соба“ што се реализираше во 2015 година, напуштените индустриски локации во главниот град се оградени, запуштени или, во најдобар случај, претворени во дистрибутивни центри на приватни фирми.

Скопската стакларница, фабриката за мебел „Треска“, „Купром“ се само дел од локациите коишто се наоѓаат во градското јадро и можат да се пренаменат во креативни центри на Скопје. Пред неколку години беше изработен и магистерски труд за пренамена на фабриката „Купром“, додека здружението „Културно ехо“ преку иницијативата „Напуштени можности“ мапираше вакви објекти на територијата низ целата земја.

Мета.мк го посети локалитетот Долњи Витковице во чешкиот град Острава, во којшто до 1998 година непречено се одвивало индустриско производство во една од најголемите челичарници во Европа, а до почетокот на 90-тите години се вршел и ископ на јаглен од тамошните рудници. Чешката држава овој локалитет најпрво го прогласува за национално индустриско наследство, за во 2008 година да биде прогласен за европско културно наследство.

Слично и на бројните дебати во Скопје, затворањето на индустрискиот комплекс довело до целосно запуштање на Долњи Витковице во периодот по 1998 година. Во чешката јавност се водела дебата што понатаму да се прави со огромната површина на која што се наоѓал рудникот и челичарницата, при што еден дел од јавноста сметал дека индустрискиот комплекс треба да се сруши. Навистина, еден дел од Витковице денес е претворен во станбено-деловен комплекс со трговски центар, налик на намерите на инвеститорите во Скопје за рушење на овдешните затворени фабрики.

Сепак, Острава ја добила титулата на индустриски град уште во 1835 година, кога започнале првите ископи на јаглен на периферијата на градот, славно минато со кое се гордее и денес.

За да се стигне до Долњи Витковице од центарот на Острава, потребни се барем 30 минути пешачење и многу напор за совладување на мапите низ целиот локалитет којшто трпи своевидна трансформација до денешен ден. Сепак, сето ова не претставува проблем за жителите на градот и за неговите посетители во голем број да се упатат кон овој локалитет.

Постојат барем 13 локации што можат да се посетат во денешниот креативен центар, вклучувајќи ја кулата Болт како поранешна висока печка во челичарницата, научно-технолошкиот центар со четири постојани изложби и кино сала, У6 изложбениот простор што раскажува за развојот на технологијата, мултифункционалниот центар Гонг, рударскиот музеј, Хелигонка, креативна академија, центар за качување по вештачка карпа и музејот на земјоделството во Острава.

Долњи Витковице денес располага со хотел, неколку кафулиња, бистро, ресторан и можности за организирање на концерти, забави, спортски и образовни активности. Заедно со ова, 18-те разновидни зданија нудат можност и за организирање на изложби, кино проекции, а во рамките на овој комплекс се наоѓаат музички и уметнички студија. Само во 2016 година, Долњи Витковице го посетиле над 1,3 милиони лица.

Од она што го забележавме при посетата на локалитетот, најголем интерес за Долњи Витковице имаат токму младите лица. Покрај тоа што им е омилено место за кафедружба и забава, во рамките на комплексот тие се главна публика на бројните културни настани. Прошетката околу поранешните индустриски зданија е бесплатна и вистинска атракција за лица коишто никогаш претходно немале допир со работа во индустријата.

Дел од индустриските зданија, зачувани се во изворниот дизајн, своевидно „замрзнати“ во моментите на непрекинатото производство на челикот и јагленот. Како автентично зачувани, овие објекти претставуваат вистинско сеќавање за градот Острава и за околните населени места за славното индустриско минато коешто го имале тие.

Наспроти ова, останатиот дел од зданијата е ентериерно или екстериерно ре-адаптиран и трансформиран во нови функции и намени, кои овозможиле Долњи Витковице да прерасне во креативен центар. Покрај чешката држава, во развојот на комплексот свои средства вложила и Европската Унија.

Трансформацијата и реадаптацијата на различни индустриски зданија во комплексот во изминативе години собра и бројни архитектонски награди не само во Чешка, туку и во меѓународни рамки.

“Индустриските комплекси во Острава се сосема уникатни во меѓународен контекст, бидејќи тие опфаќаат, на едно место, рудници за јаглен, постројки за коксирање и високи печки, што претставува целосна и концентрирана технологија за производство на железо на база на антрацит. Индустриското наследство на Острава е составен дел од сликата на овој регионален административен центар. Тоа е историски документ за економскиот развој на Острава, која, во текот на вториот и 20-тиот век, се претвори од стагнирачки град со прстен од сателитски села и нови рударски колонии во голем индустриски град“, стои запишано во описот на УНЕСКО за овој индустриски комплекс којшто Република Чешка сака да го внесе на листата на светско културно наследство на УНЕСКО од 2001 година.

Примерот на Долњи Витковице во Острава покажува дека државата, во соработка со локалната самоуправа, приватниот сектор, образовните и културните установи и граѓанските иницијативи, доколку сака, може да реализира успешен пример на трансформација на напуштените индустриски простори.

Автор: Бојан Блажевски