Фото: Архива на Мета.мк

Преку анкета на јавно мислење на граѓаните во Општина Карпош, утврдено е дека 30 отсто од анкетираните лица рекле дека најголем проблем во општината е градежната експанзија, 10 отсто е невработеноста, додека 8 отсто од граѓаните имаат проблем со безбедноста. Овие резултати ги презентираше Данче Даниловска Бајдевска, програмска координаторка во Фондацијата Отворено Општество Македонија на денешната тркалезна маса „Корупција? Не во мојата општина!“.

Таа дополни дека во соработка со коалицијата „Сите за правично судење“ во пет општини низ земјава, вклучувајќи ја и Општина Карпош, им понудиле бесправна правна помош на граѓаните во 188 потенцијални случаи на можна корупција, при што и на овој начин се утврдило дека урбанизмот бил една од трите најчести области за кои граѓаните бараат контакт за правна помош.

Даниловска Бајдевска појасни дека во соработка со службениците од Општина Карпош, тим од експерти работеле во рамките на проектот „Зајакнати системи на интегритет за борба против корупција на локално ниво“ на изработка на План за интегритет, којшто треба да ја зголеми транспарентноста на општината и да ги подобри услугите кои општинската администрација им ги овозможува на граѓаните. Очекувањето е на една од следните општински седници на Советот на општина Карпош да се усвои овој план за интегритет.

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев на денешната тркалезна маса посочи дека и до него пристигнуваат поплаки и коментари за обесправеност на граѓаните, кои најчесто се темелат на нерешените предмети од страна на општината. Граѓаните често пати знаат да речат дека полесно е да се добие одговор од градоначалникот отколку што би добиле одговор од службеник или раководител на одреден сектор, посочи градоначалникот Богоев.

Тој дополни дека општината вовела нови методи за работа на општината, како што е примерот со мобилната апликација „М заедница“, преку која граѓаните можат да комуницираат со општината, а од овој месец граѓаните ќе можат да поднесуваат документи за да добијат субвенции за велосипеди или да добијат еднократна парична помош.

Наспроти него, Тони Јаревски како советник и координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Општина Карпош, рече дека голема е иритацијата на граѓаните кои немаат доверба во институциите, штом 30 отсто од нив во ек на ковид-19 пандемијата одговориле дека токму градежната експанзија е најголем проблем.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека не смее да се дозволи во иднина деталните урбанистички планови (ДУП) да бидат изработувани од приватни субјекти надвор од локалната самоуправа, посочувајќи дека ДУП-ови кои се финансираат од приватни субјекти, имаат потенцијален ризик да бидат направени специфично по теркот на нечиј интерес.

Дарко Аврамовски, правен истражувач од коалицијата „Сите за правично судење“ ги презентираше резултатите од финалната анализа изработена во проектот, која се осврнува на ризиците од корупција на локално ниво. Методологијата на истражувањето го вклучила користењето на класичната анализа на законите, но и интервјуа со претставници на локалната самоуправа и урбанисти, мапирање на прописите од областа, Антикорупциска проценка на Законот за урбанистичко планирање согласно методологијата, како и јавно достапни истражувања, податоци, анализи и информации од јавен карактер.

Тој посочи дека основните ризици од корупција во областа на урбанизмот е што има голем број на институции, органи и тела кои имаат надлежности за урбанизмот, кои пак исто така постапуваат и со висок степен на дискрециони овластувања при нивната работа, наспроти високата вредност на градежните објекти во кои се инвестира. Исто така, истражувачот Аврамовски рече дека во земјава постојат голем број на прописи кои се однесуваат на регулирање на овој сектор.

Во истражувањето е опфатен новиот Закон за урбанистичко планирање, којшто е донесен лани и за којшто е направена анализа на ризиците од корупција. Па така, објасни Аврамовски, во законот не постојат дефиниции за бруто и нето изградена површина, ниту одредби во Правилникот за урбанистичко планирање за пресметување на овие површини. Исто така, во актуелниот закон има можност извршната власт со подзаконски акт да определува подрачја и градби од државно значење.

Во делот на суспендирањето на ДУП-овите, Аврамовски посочи дека со законот не е предвидено кој и на каков начин ја определува штетата од суспендирањето на ДУП-овите, а не постои одговорот како се определува утврдувањето на ваквата штета и кој може да ја утврди ваквата штета.

Во делот на вклучувањето на јавноста и инклузивноста на процесите за донесување на урбанистичките планови, Аврамовски рече дека недостигаат одредби во законот.

„Партиципативното тело е предвидено да се основа во самиот закон, меѓутоа нема одредби од аспект на регулирање на работењето на ова тело, што значи дека ова се остава на регулирање на подзаконски акти што треба да ги донесе самата општина“, изјави тој на денешната тркалезна маса.

Тој дополни дека јавноста, но и самите советници при донесувањето на ДУП-овите, се вклучени единствено во финалните фази од донесувањето на новите урбанистички планови, без притоа да бидат вклучени во претходните фази од изработката на плановите. Дури и во финалните фази пред усвојувањето на новите ДУП-ови, правниот истражувач рече дека досегашните истражувања покажуваат оти мал број на граѓани се запознаени за тоа кога има постапки за донесување на новите ДУП-ови, а уште помалку од нив знаат како да постапат кога се заинтересирани да се вклучат како активни субјекти во донесувањето на новите ДУП-ови.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска се надоврза на соговорниците и појасни дека постојат сериозни проблеми во областа на урбанизмот. Таа акцентираше дел од нив, вклучувајќи ја и продажбата на државното градежно земјиште. Антикорупционерката Ивановска се задржа особено на актуелното законско решение, со кое за еден сопственик да добие градежна дозвола мора да ја поседува целата градежна парцела, па затоа е овозможено ако поседува над 30 проценти, да може да го откупи остатокот од државата по непазарни услови. Таа посочи дека ова е далеку од памет и треба да се промени ваквата законска одредба.

Антикорупционерката Ивановска се задржа и на можноста урбанистичките планери да изработуваат ДУП-ови за 1 денар за метар квадратен, како што досега го имавме тоа за случај во Општина Центар. Таа рече дека корупцијата е очигледна тука, а се доведуваме во ваков случај општината да бара промени во предложениот ДУП од планерот, а тој ваквите промени да не ги прифаќа.

Таа рече дека не го прифаќа изговорот на општините дека мора да собираат средства од комуналии за функционирање на општините, посочувајќи го примерот со Општина Љубљана каде што нема зголемување на бројот на жители подолг период наназад, а е пример за успешно функционирање како локална самоуправа.

Претседателката на ДКСК дополни дека законот за легализација на дивоградби е во чиста спротивност на Законот за урбанистичко планирање, бидејќи со него се овозможува сето она што е дивоградба да се сака да се вметне во плановите. Таа се осврна со критики и на актуелниот случај во Општина Центар, за просторот спроти хотелот „Холидеј Ин“, каде што е планирано да се градат висококатници.

Денешната тркалезна маса беше подготвена од коалицијата „Сите за правично судење“, со поддршка на УСАИД. Настанот е дел од проектот „Зајакнати системи на интегритет за борба против корупција на локално ниво“, кој го реализира Фондација Отворено општество – Македонија во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, имплементиран од Ист Вест Менаџмент Институт, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД). Проектот се реализираше во пет општини: Дојран. Охрид, Прилеп, Желино и Карпош за периодот од 1.03.2020 до 31.03.2021 година.