ВМРО-ДПМНЕ реагира за унапредување полицајци во Гевгелија и за автопатот Демир Капија – Смоквица


Скопје, 12 октомври, 2017 - 16:39 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска на две прес-конференции го обвини владејачкиот СДСМ дека е во паника и за партиски интереси деградира и унапредува полицајци, како и дека намерно не го пуштил во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица, иако бил готов.

– СДС ги губи изборите и во Гевгелија. Затоа Спасовски е во паника и носи решенија спротивни на закон за да ги задоволи партиските послушници. Со издавање „писмени наредби“ со важност од 30 дена во екот на предизборната кампања, на само четири дена дена до изборите, се унапредени и разрешени полициски службеници по неколку скалила од системот на кариера. Ова е беззаконие и за ваквите предизборни партиски комбинаторики ќе следи одговорност – рече Милан Стефаноски на прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

На друга прес-конференција Крсте Јовановски, пак, ја обвини Владата на СДСМ дека беспотребно ќе потрошела 850.000 евра преку нов анекс-договор за надзор, иако, како што рече тој, автопатот веќе бил готов.

– Значи, готов автопат, намерно го одолжуваат пуштањето во употреба поради изборите, а граѓаните тоа ќе го платат со 850.000 евра. Скандалозен анекс кој не се однесува на градежни работи, туку на надзор. Со ова, почитувани граѓани, се врши директна злоупотреба на вашите пари и се отвора сомнеж за тежок криминал кој СДС, Заев и Сугаревски свесно сакаат да го направат – обвини пратеникот Јовановски.


Заев: Ќе бидеме пример за светот и ќе понудиме достоинствен живот на децата со пречки


Скопје, 11 септември, 2017 - 14:40 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска во име на Владата даде целосна поддршка на документот „Меѓународна класификација на функционирање“, од новата фаза од кампањата „Биди фер, за детство без пречки“ во организација на УНИЦЕФ.

На промоцијата, на која покрај него беа и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерката за образование, Рената Десковска, како и претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, и претставници на невладини организации, Заев ги потврди заложбите на Владата да развива инклузивно општетство со еднакви услови за сите граѓани.

– Правото на еднаквост почнува од раѓањето. Секое дете ни е важно затоа што фиданките се иднината на дрвото наречено живот – порача премиерот.


Алаѓозовски: Ќе го заштитуваме, афирмираме и унапредуваме македонскиот јазик


Скопје, 24 мај, 2017 - 14:21 (META) 

На денот на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј, кои ги поставија темелите на писменоста и јазикот како наш идентитетски белег, уште еднаш се обврзуваме дека ќе го заштитуваме македонскиот јазик, ќе го афирмираме и ќе го унапредуваме неговиот статус, изјави денеска на прес-конференција Роберт Алаѓозовски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ.

-Ќе се фокусираме на изработка на темелна стратегија за заштита, унапредување и афирмација на македонскиот јазик, во којашто ќе бидат вклучени сите клучни институции и експертската јавност. Државните институции и установи ќе мора да го почитуваат и употребуваат македонскиот јазик, наместо како досега да служи како средство за поттикнување етнички тензии за политички цели. Ќе ги зголемиме капацитетите на Институтот за македонски јазик со научен кадар и ќе поддржуваме проекти и научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области. Со цел развој и унапредување на македонскиот јазик ќе спроведеме јавна расправа и дебата за Законот за македонскиот јазик. Ќе формираме постојан Одбор за стандардизација на македонскиот јазик што ќе има задача да ги решава проблемите што се појавуваат во пракса, а за кои нема предвидени нормативни – вели Алаѓозовски.

Новата Влада, додаде Алаѓозовски, ќе посвети особено внимание на одржувањето на постојните лекторати и отворањето нови, а ќе посвети и големо внимание на значајните личности за македонскиот јазик и македонската култура и ќе ја поддржи собирачката дејност и нејзината дигитализација.


Заев за бугарската „Блумберг ТВ“: Бугарија е еден од најважните соседи на Македонија


Скопје, 4 мај, 2017 - 23:44 (META) 

„Имаше многу националистичка реторика во Македонија. Верувам дека тоа е веќе минато. Со подемот на лево-ориентираните политичари и со формирањето на новата влада, можен е напредок во односите на Македонија со сите соседи. Еден од најважните наши соседи е Република Бугарија“. Ова го изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за бугарската „Блумберг ТВ“.

Заев вели дека постои огромна перспектива за унапредување на односите помеѓу Бугарија и Македонија.

– Ние сме братски народи. Мораме да работиме во интерес на нашите граѓани, нашите бизниси, и од македонска и од бугарска страна. Имаме контакти со нашата сестринска партија во Бугарија – БСП, исто така сме во контакт и со ГЕРБ и со другите политички сили. Тоа е добра основа на која можеме да градиме одлични односи – вели Заев.

Лидерот на СДСМ во интервјуто зборува и за перспективите на Македонија за излез од политичката криза и во тој контекст вели оти очекува дека до крајот на мај треба да биде избрана новата влада.

– Сега имаме мирни денови по тоа што го видовме во македонскиот парламент. Новиот спикер на Собранието веќе ја презеде функцијата и очекуваме „Службен весник“ и официјално да го објави неговиот избор. Јас сум оптимист и очекувам да го добијам мандатот до средината на мај за да можеме да ја предложиме новата влада во парламентот. Очекувам Собранието да ја избере новата влада до крајот на мај – вели Заев во интервјуто за „Блумберг ТВ – Бугарија“.


Македонија со слаб систем за бесплатна правна помош за своите граѓани


Скопје, 21 март, 2017 - 15:11 (META) 

Иако законот за бесплатна правна помош постои седум години, пристапот до помош е рестриктивен и селективен, а според истражувањата, може да го користат само 1,1 отсто или околу 18.000 граѓани.

Ова беше кажано на денешната прес-конференција оддржана во ЕУ-Инфоцентарот во Скопје, каде беа презентирани резултатите од досегашното спроведување на проектот за „Пристап до правдата“, кој е финасиски поддржан од ЕУ, а го реализара Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, со мрежа граѓански организации кои се лиценцирани за давање правни совети.

Забелешки има и Европската Унија, која сепак ќе продолжи да работи со земјата на унапредување на ова прашање.

– Засега многу малку луѓе ја примаат или, пак, предоцна ја добиваат правната помош во Македонија, што е еден од претпристапните услови за членство во Европската Унија – изјави шефот на oдделот за економија и финансии, јакнење на институционалните капацитети и за прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, Јаромир Левичек.

Тој додаде дека е неопходно менување на законот, зголемување на свеста и на образованието, видливоста, но и на буџетот за бесплатна паравна помош, кој е еден од најмалите во Европа.

Според Надица Наумовска, координаторка на проект во ФООМ, Македонија годишно издвојува околу 44.000 евра за бесплатна правна помош, но и таа сума не се троши во целост.

И покрај бројните документи, како што е Европската конвенција за човекови права, разни директиви на ЕУ, па и практиката во земјите од Унијата, во Македонија пристапот до бесплатна правда е особено „рестриктивен и дискриминаторски“, како што беше речено, во кривичната материја. Само тие осомничени или обвинети за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку десет години, имаат право на бесплатна правна помош.

Притоа, исто како и другите граѓани, претходно треба да ги исполнат трите услови во законот, да имаат семејни приходи помалку од половина од просечната плата во РМ, да се корисници на некое социјално право (социјална помош, детски додаток, нега и издршка) и нивниот севкупен имот да не надминува пет просечни бруто-плати во земјата.

Доколку ги исполнат, треба да го почекаат министерот за правда и формално да ја одобри бесплатната правна помош, што, како што беше наведено на прес-конференцијата, е единствен случај споредено со другите законодавства во Европа и во светот и тоа доведува до просечно доцнење од 40-50 денови, наместо гарантираните 20 денови.


Владата бара унапредувањето на вредните полицајци да се одложи за три години


Скопје, 10 октомври, 2016 - 16:30 (META) 

Унапредувањето на вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР) во повисок платен ранг наместо од 1 јануари 2017 година, како што е утврдено со актуелниот Закон за внатрешни работи, да почне да се применува од 1 јануари 2020 година. Ова е измената на Законот за внатрешни работи што ја бара МВР, а која в четврток, според најавената агенда, треба да се најде пред пратениците во Собранието на Република Македонија.

Измените на Законот за внатрешни работи, за одложување на рокот кога треба да почне примената на одредбата за унапредување во повисок платен ранг, се предлог на Владата, а како претставници се наведени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик министерот во МВР, Агим Нухиу.

Измените на Законот се предложени во т.н. „скратена постапка“, односно тие не мора да ја минат фазата на комисиска расправа, туку одат директно на пленарна седница.

Тие предвидуваат измена на ставот 2 од членот 211 од Законот за внатрешни работи, каде зборовите „2017 година“, се заменуваат со зборовите „2020 година“.

Унапредувањето на вработените во МВР во повисок платен ранг е уредено со Законот за внатрешни работи (од членот 121 до член 125) и со колективниот договор на МВР, а кои треба да овозможат напредување во кариерата на вработените.

„Во согласност со членовите 121, 122, 123, 124 и 125 од овој закон, работникот во текот на целиот работен стаж во Министерството се унапредува најмногу за пет платни ранга и со унапредувањето во првиот платен ранг, како и во секој нареден повисок платен ранг, стекнува додаток за кариера на основната плата, под услови утврдени со овој закон“, стои во Законот.

Во образложението за менувањето на рокот во документот доставен до Собранието, стои дека тоа се прави заради создавање правни претпоставки за целосна реализација на законските одредби.


Економска мисија на ССК во Албанија за подобра соработка меѓу компаниите од двете земји


Тирана, 15 март, 2016 - 15:14 (META) 

Бизнис-делегација од Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) заедно со делегација на Комората на Северозападна Македонија учествуваат во тридневна економска мисија во Албанија, чиј фокус е интензивирање на деловната соработка и воспоставување нови бизнис-релации помеѓу компаниите од двете земји.

Целта за организирањето на економската мисија во Албанија е креирање конкретни можности за зголемување на деловната соработка и директно соочување со одредени проблематики што влијаат на условите за водење бизнис помеѓу двете земји.

– Има многу малку информации и анализи достапни за бизнисите на двете страни околу можностите за трговија и за инвестиции во другата земја. Поголем дел од производите и од индустриите во Македонија и во Албанија не се комплементарни, туку меѓусебно конкурентни. Македонските производи не се многу ценовно конкурентни на албанскиот пазар поради високите транспортни трошоци вградени во цената – се вели во соопштението на ССК.

Во рамки на економската мисија се оствариле состаноци со премиерот на Албанија, Еди Рама, како и со повеќе министри.

За последниот дел од економската мисија е предвидено одржување на голем деловен и инвестициски форум.

Македонија и Албанија немаат голем обем на трговска размена.