Младите да ги искористат можностите на новиот циклус на Еразмус плус програмата, вели Шабани

Фото: МОН

Северна Македонија е активен учесник во европската програма Еразмус плус на студентска мобилност, а тоа што ја издвојува од другите држави во регионот е што уште од самиот почеток има статус на програмска земја и е на еднакво рамниште со останатите земји-членки на Европската унија, рече заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани на вебинарот на кој се дебатираше за програмите, приоритетите и новостите поврзани со новиот циклус на Еразмус програмата, за периодот 2021-2027 година.

„Во периодот што е пред нас очекуваме акцентот во делот на интернационализација во високо образование да биде ставен на постулатите за дигитализација, зелена агенда, вработување, инклузија и соработка со соседните држави, меѓународни мастер акредитирани програми, интензивни курсеви за студентите, тековно користење на Европските образовни платформи како и на вклучување во студирање и наставни ангажмани во државите од Западен Балкан, источно-европското партнерство, Азија, Северна и Јужна Америка“, посочи Шабани.

Вложувањето во образование е најдобрата инвестиција за иднината на една земја, потенцираше заменик министерот, при тоа, од големо значење е и квалитетот на кадрите на институциите и желбата на професорите и студентите за достигнување на максимумот кој го нуди високото образование.

Шабани нагласи дека токму учеството во Еразмус плус програмата е една од можностите за подигнување на квалитетот на високото образование. Тој додаде дека она што како држава треба да го направиме, е да ја искористиме како можност за зголемување на ефектите од меѓународната соработка и од размената на искуства.