На денот на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј, кои ги поставија темелите на писменоста и јазикот како наш идентитетски белег, уште еднаш се обврзуваме дека ќе го заштитуваме македонскиот јазик, ќе го афирмираме и ќе го унапредуваме неговиот статус, изјави денеска на прес-конференција Роберт Алаѓозовски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ.

-Ќе се фокусираме на изработка на темелна стратегија за заштита, унапредување и афирмација на македонскиот јазик, во којашто ќе бидат вклучени сите клучни институции и експертската јавност. Државните институции и установи ќе мора да го почитуваат и употребуваат македонскиот јазик, наместо како досега да служи како средство за поттикнување етнички тензии за политички цели. Ќе ги зголемиме капацитетите на Институтот за македонски јазик со научен кадар и ќе поддржуваме проекти и научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области. Со цел развој и унапредување на македонскиот јазик ќе спроведеме јавна расправа и дебата за Законот за македонскиот јазик. Ќе формираме постојан Одбор за стандардизација на македонскиот јазик што ќе има задача да ги решава проблемите што се појавуваат во пракса, а за кои нема предвидени нормативни – вели Алаѓозовски.

Новата Влада, додаде Алаѓозовски, ќе посвети особено внимание на одржувањето на постојните лекторати и отворањето нови, а ќе посвети и големо внимание на значајните личности за македонскиот јазик и македонската култура и ќе ја поддржи собирачката дејност и нејзината дигитализација.