Загрозениот сведок во „Монструм”: Слушнав истрели пред да ги видам телата


Скопје, 31 август, 2018 - 10:53 (META) 

Пред да ги види телата на четирите убиени момчиња кај Смиљковското Езеро, загрозениот сведок Е1 слушнал и повеќе истрели, рече тој на денешното судско рочиште за случајот „Монструм”. Сепак сведокот потенцираше дека не видел кој пукал, а прашан зошто сега првпат кажува дека слушнал истрели, рече дека не бил прашан.

Адвокатот Насер Рауфи реагираше дека сведокот досега сведочел осум пати, а се до минатото рочиште не кажал дека видел тела или дека слушнал истрели. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи реплицираше дека тоа е така зашто сега првпат му се поставени такви директни прашања.

На 12 април 2012 кај скопското Смиљковско Езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.


Апелација на роденденот на Груевски решава за пресудата за „Тенк“


Скопје, 31 август, 2018 - 9:51 (META) 

Во Апелациски суд – Скопје за денеска е закажана јавна седница по жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски за пресудата од две години затвор во случајот „Тенк”, за набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес”.

Инаку, на Груевски денеска му е роденден – полни 48 години.

Јавна седница требаше да се одржува вчера, но Груевски и неговиот адвокати не дојдоа, бидејќи беа на судскиот процес за случајот „Насилство во Општина Центар“.


Апелација одлучува за жалбата на Груевски за „Тенк“, Јанкулоска на суд за истиот случај


Скопје, 30 август, 2018 - 9:50 (META) 

Апелациски суд – Скопје денеска ќе одлучува по жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски за пресудата во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден безмалку 600.000 евра

За случајот „Тенк“, поранешниот премиер Никола Груевски, како поттикнувач на делото, е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, е осуден на шест години и шест месеци затвор.

Во Основен суд Скопје 1, денеска ќе се одржи ново рочиште во раздвоената постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за истиот предмет. Во судницата ќе се сослушуваат сведоци.

Јанкулоска вчера во својот воведен исказ наведе дека ќе ги побијат тврдењата дека со набавката се исполнувани нечии „лични желби“ и ќе докажат дека набавката е согласно стандардите за работа на Министерството.


Судењето на Јанкулоска за блиндираниот мерцедес продолжува утре


Скопје, 29 август, 2018 - 17:04 (META) 

Раздвоената судска постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден околу 580.000 евра продолжува утре со сослушување на сведоци.

Таа беше издвоена од почнатиот судски процес поради нејзината ризична бременост. Пролетва за набавката на блиндираниот автомобил поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски доби шест години и шест месеци затвор, а поранешниот премиер Никола Груевски, како поттикнувач за извршување на делото, доби две години затвор.

Специјалниот јавен обвинител Стефчо Донев, во воведен говор на денешното рочиште, наведе дека Јанкулоска сторила злоупотреба на службената положба и овластување.

Јанкулоска, во воведен говор пред судот, рече дека иако постапката се одвива во сложени услови, како издвоена од предмет за кој веќе има донесена одлука, сепак ќе ги побијат тврдењата дека со набавката се исполнувани нечии „лични желби“ и ќе докажат дека набавката е согласно стандардите за работа на Министерството.


Нинџа за свои сведоци ги предлага Груевски и бегалците Грујовски и Бошковски


Скопје, 27 август, 2018 - 16:37 (META) 

Поранешниот премиер, Никола Груевски, двајцата бегалци и поранешни началници во петтата управа Горан Грујовски и Никола Бошковски, поранешниот директор во УБК Владимир Атанасовски екс началник во УБК Љубо Петович и Благоја Василевски – обезбедувањето на Груевски се најдоа на листата сведоци на Александар Василевски Нинџа, еден од обвинетите во крвавиот четврток.

Според извори на телевизија „Телма“, со Грујовски и Бошковски кои се избегани во Грција веќе е комуницирано и тие се нафатиле да сведочат во одбраната на Нинџа. Тоа би го сториле по конференциска врска бидејќи не сакаат да се вратат во земјава и очекуваат азил од Грција чиј врховен суд одлучи да не ги екстрадира за случаите на СЈО.

Меѓу сведоците е и братот на Нинџа кој всушност според обвинението го примил телефонскиот повик во Виена каде на 27 април беше службено како телохранител на Груевски.

Сепак судот ќе треба да одлучи кој се ќе може да сведочи како предлог на одбраната. Први ќе сведочат сведоците на обвинителството.

Веќе за в петок судијката Добрила Кацарска на денешното рочиште ги најави Фросина Ременски, Дамјан Манчевски, Павле Богоевски и Илија Николовски. Денеска пак сите 33 обвинети се изјаснија дека се невини за делото кое им се става на товар Терористичко загрозување на уставниот поредок.


Дума во „Титаник 2“: Ибраими ми рече „шефот ме бара“, потоа гласаше како членовите од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 27 август, 2018 - 13:30 (META) 

На судењето за предметот „Титаник 2″, прва сведочеше поранешната членка на Државната изборна комисија, Виолета Дума.

Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи ја праша Дума дали се сеќава на седницата на ДИК, за приговорот за гласачкото место 1727 во општина Струмица, за локалните избори 2013 година.

– Дали видовте дека некој за време на седницата да му се јави на Бедредин Ибраими – ја праша Фетаи. Дума потврди дека се сеќава оти на Бедредин му заѕвонил телефонот, бидејќи седела веднаш до него.

– Точно е дека му заѕвони телефонот и господинот Бедредин излезе – рече Дума.

Таа не се сети дали видела на телефонот, или Бедредин ѝ рекол „Шефот ме бара”. Таа рече дека не го разбрала разговорот меѓу Бедредин и соговорникот, зашто говорел на албански јазик.

Дума пред судот рече дека откако Бедредин се вратил во салата, немало дискусија и се преминало на гласање. Како што рече Дума, пред повикот Ибраими рекол дека е на иста линија со неа, дека приговорот на ВМРО-ДПМНЕ е неоснован, но откако разговарал по телефон, гласал како и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, па соодносот на гласови бил 4:3, и ДИК го прифатила приговорот.

– Членовите на ВМРО плус Бедредин гласаа ,,за”, а јас Кондарко и Субхи, гласавме против – рече Дума.

Во овој предмет доказ на СЈО е и бомбата во која Ибраими добива инструкции од лидерот на ДПА, Мендух Тачи, да гласа ,,за” приговорот на ВМРО-ДПМНЕ

Речиси во исто време кога судијата Огнен Ставрев даде 15 минути пауза, во Кривичниот Суд Скопје 1 снема Струја.
Денешното рочиште доцнеше половина час поради отсуството на адвокатот на обвинетиот Сашо Срцев, Димитар Дангов. По паузата од половина час Дангов дојде во судницата со што продолжи судењето за предметот „Титаник 2“ на СЈО.


Сите обвинети негираат вина за „крвавиот четврток“


Скопје, 27 август, 2018 - 11:58 (META) 

Обвинетите за упадот во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година, кои се теретат за терористичко загрозување на уставниот поредок, на денешното рочиште во Кривичниот суд кажаа дека го разбираат обвинението, но дека не се чувствуваат за виновни.

Судскиот процес продолжува на 31 август со сослушување на сведоци предложени од обвинителството. Како сведоци повикани се Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.
Обвинетиот Горанче Ангеловски, на денешното рочиште одби да даде воведен говор и не го прифати бранителот, што судот му го именува по службена должност.

Претседател на судечки совет е Добрила Кацарска. Обвинителка е Вилма Рускоска.

Ова е четврто рочиште од почеток на судењето. Претходните три расправи траеја повеќе од шест часа. Во судницата беа присутни сите 33 обвинети, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок, а две за помагање.

Судскиот процес започна минатата недела со воведни говори на обвинителката Вилма Рускоска и адвокатите на обвинетите.

Обвинителката Рускоска во воведниот говор истакна дека има докази со кои ќе ги потврди наводите од обвинението за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок, а одбраната тврди дека не постојат докази кои укажуваат на тоа.


Нови рочишта за „Титаник 2″ и за упадот во Собранието на 27 април


Скопје, 27 август, 2018 - 9:32 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за случајот „Титаник 2“ на Специјалното јавно обвинителство, што се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година и за упадот во Собранието од 27 април минатата година.

На денешното рочиште за „Титаник 2“ треба да бидат сослушани сведоците Борис Кондарко, Виолета Дума, Субхи Јакупи и Васил Крстев.

Во предметот обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска е закажано и рочиште за случајот за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.

Судскиот процес започна минатата недела со воведни говори на обвинителката Вилма Рускоска и адвокатите на обвинетите.

Обвинителката Русковска во воведниот говор истакна дека има докази со кои ќе ги потврди наводите од обвинението за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок, а одбраната тврди дека не постојат докази кои укажуваат на тоа.

Вкупно обвинети се 33 лица од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок, а две за помагање.


Телохранителот на Груевски предложен за сведок за крвавиот четврток


Скопје, 24 август, 2018 - 16:11 (META) 

Оливер Вуксановиќ, адвокатот на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, во воведниот говор за судењето рече дека одбраната ќе докаже оти некои од обвинетите воопшто не го познавале Нинџа, а не, пак, да му ги слушаат наредбите.

-Немало акт на насилство, ниту некој се заканувал, ниту обвинетиот имал умисла и намера да го изврши кривичното дело – рече Вуксановиќ.

Во воведниот говор адвокатот рече дека преку листинзи од базните станици ќе ја докажат траекторијата на движењето на Нинџа во времето за кое е обвинет со обвинителниот акт. Тој рече дека Нинџа не влегол и не бил во Собранието.

Адвокатот на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа во воведниот говор рече дека го предложиле за сведок и Благоја Василевски, брат на обвинетиот и телохранител на експремиерот Никола Груевски.

Сите адвокати на обвинетите, освен бранителот на Горанче Ангечовски, дадоа воведен збор на судењето.


Загрозениот сведок во „Монструм“ лаже, тврдат адвокатите


Скопје, 24 август, 2018 - 13:50 (META) 

Тензична ситуација на моменти се случуваше во судницата 1 во Основниот суд Скопје 1 на сослушувањето на загрозениот сведок во случајот „Монструм“ на СЈО, бидејќи тој за првпат кажа дека видел четири тела критичната вечер на 12 април 2012 на Смиљковско Езеро, известува „СДК“

– На 19.04. 2012 пред истражен судија сте рекле дека сте дознале за настанот утредента од телевизија и од Интернет. Денеска рековте дека сте виделе 4 тела. Што е точно, која е вистината? – бурно реагираа обвинетите и одбраната.

– Реков дека на критичниот ден бев на лице место, видов 4 тела, а што точно се случило дознав утредента од медиумите – рече загрозениот сведок.

Во еден момент одбраната се посомнева дека сведокот од друга просторија ги чита одговорите, па обвинителката Фатиме Фетаи праша како тој знае дека „ние овде заедно со адвокатите и обвинетите ќе му ги поставиме сите овие прашања и тој во истата секунда ќе прочита готов одговор?“

Судењето продолжува на 31 август, кога судијата Огнен Ставрев ќе му поставува прашања на загрозениот сведок.