Зградата на Основен кривичен суд и Основен суд Скопје 2 | Фото: Архива на Мета

Обвинителката Вилма Русковска денеска во скопскиот Кривичен суд ги даде завршните зборови на судскиот процес што се води против организаторите на упадот во Собранието и насилните сцени од 27 април 2017 година. Русковска достави изменето обвинение за Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Спиро Ристоски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, за што реагираше и одбраната на обвинетите.

Вилма Русковска рече дека направила мали измени на обвинителниот акт, односно во изрекатa и од организатори на протестите и превоз на учесниците на протестите, обвинетите станаа директни организатори на нападот, при што за овие измени таа достави нови пораки меѓу Груевски и Вељаноски, како и меѓу Вељаноски и пратениците.

Вилма Русковска рече дека обвинетите лица направиле план за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, со цел да спречат мирно примопредавање на власта, што пак довело до нападот на Собранието на 27 април 2017 година. Обвинителката додаде дека Никола Груевски уште во февруари 2017 година ги повикуваше граѓаните „да не седат дома во папучи“ и „да ја земат судбината во свои раце“.

Во однос на измените на обвинителниот акт, по завршните зборови на Русковска со изјави за медиумите излезе и адвокатот на одбраната Еленко Миланов, којшто побара да се одложат завршните зборови на одбраната на обвинетите кои судот ги закажа за 6 и 12 јули. Според зборовите на адвокатот Миланов, измената на обвинителниот акт е само пораз на истрагата и на сето она што го правело обвинителството во текот на истрагата.

Во овој судски случај, обвинетите поранешни високи функционери во безбедносните служби и на раководни функции во владата на ВМРО-ДПМНЕ се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста” во однос на упадот во Собранието што се случи на 27 април 2017 година.