Десничарски екстремист од САД, што долго време се сокривал од правдата во својата земја, и откако бил препознаен во Белград, избегал и долго време бил недостапен, е лоциран во вториот најголем град во Бугарија, Пловдив, откри новинарската истражувачка организација „Белингкет“.
Роб Рандо „се влечка“ по судови – всушност, на судењата доаѓале само неговите адвокати – откако бил обвинет и осуден за насилство на протести во Калифорнија во 2017 година, а оттогаш, според „Белингкет“ главно се крие на Балканот. Во САД би можел да добие затворска казна до 10 години.
Основачот на движењето „Издигни се“ (Rise Above Movement – RAM), Рандо, честопати се фотографирал во облека на неговата марка наменета за десничари, позирајќи како „цврсто момче“, но не внимавал многу што има на фотографиите, а и ги оставал податоците за географската локација на која е направена фотографијата, па новинарот Мајкл Колборн од „Белингкет“ го лоцирал во Белград. Откако параванот му бил соборен, Рандо го напуштил Белград сè додека преку упорна истрага од страна на Колборн на објавите на Рандо на „Телеграм“, не било утврдено дека е во Пловдив.
Приказната почнува да се расплеткува на 31 октомври годинава, кога новинарот Колборн не можел да види никакви графити или други обележја на фотографиите, на кои позадината била заматена, туку видел само еден потез на четка со црвена боја на ѕидот зад Рандо.
По само 10-тина минути, Колборн, нагаѓајќи според претходните сознанија и помагајќи си претежно со Google Street View, открил дека фотографијата е направена кај една автобуска постојка во северниот дел на Пловдив.
Инаку, 32 годишниот Рандо бил обвинет во 2018 година за насилните инциденти на неколку собири во Калифорнија претходната година. Во јуни 2019 година тужбата против него била отфрлена од судија во Калифорнија на основа на ставот дека Законот против нереди е неуставен. Кратко потоа, Рандо ги напуштил САД и се упатил кон Европа.
Во ноември 2020 година, Белингкет утврдил дека Рандо е во Белград, но по само три месеци Србија го протерала. Сепак, во ноември 2021 година, десничарскиот екстремист од САД бил повторно во Србија, а во тоа време и Федералниот апелациски суд на САД го поништил отфрлањето на обвинувањата против Рандо. Во јануари годинава, Врховниот суд ја отфрлил неговата – всушност, жалбата од неговите адвокати, и судењето треба да почне во федерален суд во април следната година.
Како и да е, потрагата на „Белингкет“ по Рандо продолжила, и по неколку седмици од постирања фотографии и видеа од локации во Северна Македонија и Грција од страна на близок пријател на Рандо, на 16 октомври годинава е идентификувана првата фотографија направена во Пловдив. По неколку седмици и анализа на новообјавени фотографии, „Белингкет“ успева да ја потврди локацијата, односно Пловдив.
Новинарот се обратил до Министерството за внатрешни работи на Бугарија за да праша дали се свесни дека Рандо е во Бугарија и дали работат со американските власти на негово следење, апсење и екстрадирање. Портпаролот на МВР го упатил кај Националната полиција, од каде му одговориле дека поради оперативни (веројатно тековни) истраги, не може да коментираат.