!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев и Борисов се поклонија пред споменикот на Борис Трајковски во Струмица


Струмица, 23 ноември, 2017 - 12:49 (META) 

Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, пред почетокот на заедничката седница на владите на двете земји, положија венци свежо цвеќе пред споменикот на поранешниот претседател на Македонија, Борис Трајковски, во Струмица.

На седницата, која е резултат на Договорот за добрососедство меѓу двете земји, се разговара за продлабочување на соработката во економијата, енергетиката, инфраструктурата, прекуграичната соработка и за реформските процеси, потребни за европските и евроатлантските интеграции на земјава.

На седницата, како што информираат од Владата, ќе бидат потпишани повеќе билатерални договори.


Општина Прилеп го осуди оштетувањето на споменикот на Александар Македонски


Прилеп, 4 ноември, 2017 - 18:01 (META) 

Непознати сторители синоќа го оштетиле споменикот на Александар Македонски во центарот на Прилеп со кршење на копјето. Oпштина Прилеп го осуди инцидентот.

„Општина Прилеп најостро го осудува вандалскиот чин со кој синоќа непознати сторители го оштетиле споменикот на Александар Македонски, кој е поставен во центарот на градот, на плоштадот Александрија, кршејќи го неговото копје. Случајот ќе биде пријавен во Полициската станица Прилеп и очекуваме надлежните органи во најкус можен рок да ги пронајдат сторителите. Исто така сакаме да истакнеме дека споменикот ќе биде саниран во многу краток период“, се вели во соопштението од Општина Прилеп.

 


Милошоски: Можни се спонтани или намерни инциденти утре на Мечкин камен


Крушево, 1 август, 2017 - 15:58 (META) 

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ денеска на Мечкин камен во Крушево положи цвеќе и се поклони пред споменикот на илинденците, несакајќи тоа да го стори утре, при официјалната прослава, бидејќи, како што рече Антонио Милошоски, не сака да дава легитимитет на „нелегално избрани функционери“. На официјалната прослава на Мечкин камен утре треба да се обрати претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, чиј избор ВМРО-ДПМНЕ не го признава.

Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, честитајќи им го празникот на сите граѓани на Македонија, ги повика и членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, но и граѓаните, да не присуствуваат на прослави организирани од СДСМ и од ДУИ. Како причина тој го наведе сомневањето дека може да бидат режирани инциденти.

– Ги повикуваме повторно сите наши членови, симпатизери и граѓани кои сметаат дека оваа порака е соодветна, да се воздржат од давање легитимитет на прослави организирани од владата на СДС и на ДУИ, затоа што цениме дека можно е со одлуки што го иритираат народот, како одлуката на господинот Џафери да се обрати на Мечкин камен, да се создадат услови или некој да смислил некои намерни инциденти што можат да ја нарушат честа и достоинството на Илинден, како еден голем македонски слободарски празник – рече Милошоски.

Во делегацијата, покрај него, беа и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и членовите на извршниот комитет на партијата, Дијана Транталоска и Златко Перински.


Џамијата „Али-паша“ во Охрид се реконструира и се конзервира


Охрид, 19 мај, 2017 - 16:13 (META) 

Директорката на Завод и музеј од Охрид, Тања Паскали-Бунташеска, денеска на прес-конференција изјави дека џамијата „Али-паша“ ќе остане во постојниот габарит, не се гради нова џамија, туку се врши само конзервација и реконструкција.

Со оглед на тоа што деновиве во јавноста се дискутираше и се бараа одговори околу конзервацијата и реконструкцијата на џамијата, Паскали-Бунташеска рече дека од Управата за заштита пристигнало одобрение за вршење на конзерваторските истражувања.

– На таа џамија се извршени многу градежни работи кои не соодветствуваа на архитектурата, всушност беа изведени како дивоградби од тогашното муфтиство. Истражувањата ги направивме за да видиме како изгледала џамијата во периодот кога била прогласена за споменик на културата и според нашиот закон да ја вратиме во автентична состојба. Точно е дека минарето е високо 32 метри, но тоа е дел од еден споменик на културата. На овој простор имаше остаток од постоечкото минаре во висина од шест и пол метри – истакна Паскали-Бунташеска.

Конзервацијата ќе трае до септември, па дури потоа ќе се премине на реконструкција на овој споменик на културата.


Денеска се одбележува 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба


Скопје, 23 октомври, 2016 - 9:56 (META) 

Денеска Репубилика Македонија го одбележува 23 Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба. По повод празникот делегации на Собранието и на Владата на Република Македонија денеска ќе положат венци свежо цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО во паркот Жена-борец во Скопје.

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, напладне во свечената сала на Собранието на Република Македонија ќе ја додели наградата за 2016 година, за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и за промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство.

Државната награда за остварувања во областа на културата и на уметноста оваа година ќе им биде доделена на проф. д-р Драган Даутовски, музички уметник, на актерот Иван Петрушевски и на ликовниот уметник Реџаи Исени.

Наградата „23 Октомври“ за остварување во областа на науката и на образованието ќе им биде доделена на проф. д-р Стефан Влахов, историчар и филозоф, и на проф. д-р Агим Пољоска, албанолог.

Синоќа, по повод празникот, во Македонската опера и балет се одржа свечена академија на која свое обраќање имаше премиерот Емил Димитриев.

Денот на македонската револуционерна борба се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација. На денешен датум, во 1893 година, во куќата на Иван Хаџи-Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп-Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев го формираа Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлезе Внатрешно-македонската револуцонерна организација (ВМРО) или Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО).

Празникот 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба е еден од поновите државни празници, кој се одбележува од 2007 година, кога беше донесен новиот Закон за државни празници.


Осквернет Споменикот на револуцијата во Тетово


Тетово, 17 октомври, 2016 - 16:27 (META) 

Споменикот на револуцијата во центарот на Тетово деновите беше осквернет со графити, а на него е испишано името на навивачката група „Балисти“ на фудбалскиот клуб „Шкендија“. Денеска со осуда за ваквиот чин, излегоа од Сојузот на борци Тетово.

– Овој споменик често се сквернави. Мислиме дека ваквите дејства имаат задна намера, затоа што се случуваат секогаш по празнувањето на празникот 11 Октомври, кој ние, како Сојуз на борци, го одбележуваме пред Споменикот на револуцијата – изјави Стојан Петрушевски, претседател на Сојузот на борци од Тетово.

Од Сојузот побараа полицијата да го расветли случајот и да ги пронајде сторителите на вандалскиот чин.

Од Секторот за внатрешни работи Тетово нè известија дека последниве неколку години не се целосно расветлени сквернавењата на споменици во Тетово и во Тетовско со испишување графити или на друг начин, а нема ни подготвено соодветни поднесоци против сторителите на ваквиот вид прекршок против јавниот ред и мир, односно против Законот за јавна чистота.

– Испишувањето графити најчесто се случува во доцните ноќни часови, со разни спрејови во боја, што им овозможува на учесниците брзо и незабележани да се оддалечат од местата, особено ако тие места не се покриени со видеонадзор – изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Ако графитите се со содржина која поттикнува меѓуетничка омраза, насилство или други општествено негативни процеси и последици, предвидени се парични глоби, кои се движат од 1.500 до 2.000 евра.

Доколку, пак, испишаните графити се третираат по Законот за јавна чистота, глобата изнесува 50 евра во денарска противвредност.


Полицијата собира снимки и фотографии од протестот на „Шарената револуција“


Скопје, 22 јуни, 2016 - 16:45 (META) 

Секторот за внатрешни работи Скопје собира видеоснимки и фото-материјали од оштетувањето на зградата на Министерството за правда и на споменикот „Прометеј“ за време на протестите на „Шарената револуција“ и на активистите и поддржувачите на граѓанската иницијатува „Протестирам“, што се одржаа во понеделникот оваа недела, соопшти попладнево Министерството за внатрешни работи.

Во соопштението, во кое, меѓу другото, хронолошки е опишан текот на протестот, се вели дека полицајците кои биле ангажирани за обезбедување на протестот препознале „неколку лица кои учествувале во оштетувањето на објектите“.

„Од страна на ЕУМНА при СВР Скопје било извршено фотографирање на оштетувањето на горенаведените објекти за што се сочинети записници за увид, како и фотоалбуми. Од ЕУМНА при СВР Скопје е извршено снимање на протестот кој се одвивал пред горенаведените објекти, а воедно е извршено и преземање на видеоматеријали и на фотографии од отворени извори на податоци – интернет, за што е сочинето цеде со видеозапис. Од страна на полициски службеници при СВР Скопје кои службено биле ангажирани за обезбедување на протестите се препознаени неколку лица кои ги вршеле оштетувања на објектите. Од страна на полициски службеници дополнително ќе бидат набавени видеозаписи од безбедносните камери поставени во непосредна близина на Министерството за правда, Собранието на РМ и на споменикот „Прометеј“, за 20 јуни 2016 год., за периодот од 18 до 22 часот, кога се извршени оштетувањата, за понатамошна постапка“, стои во соопштението на МВР.


Време е владата да си поднесе оставка, порачаа демонстрантите


Скопје, 20 јуни, 2016 - 23:00 (META) 

До мал судир помеѓу припадниците на ЕБР и демонстрантите дојде на вечерашниот протест откако припадниците на „Шарената револуција“ се обидоа да го урнат споменикот на Прометеј, кој е дел од проектот „Скопје 2014“ и се наоѓа во паркот Жена-борец.

Демонстрантите ја тргнаа заштитата на Прометеј и тргнаа дел од скелето и штиците што беа околу споменикот. Потоа го врзаа со платното и се обидоа да го турнат. Во тој момент триесетина припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) го опколија споменикот и ги истиснаа демонстрантите од просторот.

Некои од демонстрантите удираа со камења, шишиња и со лименки кон полицијата, но редарите од „Шарената револуција“ ги тргаа и повикуваа на смирување.

Не дојде до поголеми инциденти.

Камења и шишиња завршија и врз прозорците на Министерството за правда кое беше обоено со помош на пумпи, буриња и црева. Полицијата иако беше присутна пред Министерството, не реагираше на активностите на демонстрантите.

Од Министерството за правда демонстрантите се упатија пред Собранието и го обоија со големиот чатал.

Протестот почна во 19 часот пред просториите на СЈО, по што демонстрантите се упатија кон Владата каде говореа активистот Павле Богоевски, членот на Левица, Владимир Куновски, и заменик-престедателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Сите порачаа дека е време владата да си даде оставка и граѓаните да учествуваат во преговорите и во носењето одлуки.

Активистот Богоевски рече дека повеќе не се плашат, а двајцата припадници на „Шарената револуција“ кои стоеја до него симболично ги извадија маските од лицата.

– Дојдовме да покажеме дека сме одговорни граѓани и дека сакаме да учествуваме во носењето одлуки. Не сме само ние 15-20.000 што сме тука. И граѓаните што не се дојдени ни даваат поддршка. Сакаме да кажеме дека граѓаните и партиите ќе продолжат заедно и сите ќе го кренат гласот против ова злосторничко здружение. Исто така, сакаме да порачаме дека не сме неартикулирани хулигани, туку граѓани со артикулирани барања. Тука сме да кажеме дека граѓаните мора да бидат дел од донесувањето одлуки и да обезбедиме идните преговори да бидат транспарентни – рече Богоевски, повторувајќи ги нивните претходни барања.

Членот на Левица, Куновски, рече дека првпат граѓаните се обединети во една мисла и дека се тука за да изградат нова социјална и праведна држава.

– Ние нема да преговараме, тука сме само да ги договориме условите за капитулација. Со будали не се преговара и договара. Ве повикувам сите да бидете будни и да се вклучите во формирањето на новата Република Македонија. Ова е историски момент – рече Куновски.

Шекеринска рече дека порано стравот бил во секој македонски дом, но сега целиот страв е собран само во една зграда.

– За да се спаси, Груевски вчера се обиде да го сврти народот против народ. Но, сите треба да знаат дека корупцијата во Македонија има име, а криминалот точна адреса. Тука сме да му порачаме на Груевски дека нема шанси да продолжи со своите судии од тефтерчето и да ги тргне рацете од институциите – изјави Шекеринска.

Некои од граѓаните фрлија јајца кон објектот на Владата.


Полицијата ги спречи демонстрантите да го урнат споменикот на Прометеј


Скопје, 20 јуни, 2016 - 21:55 (META) 

Додека демонстрантите се обидуваа да го урнат споменикот на Прометеј, голема група припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) ги спречија активистите да му пријдат на споменикот, кој е дел од проектот „Скопје 2014“.

Граѓаните извикуваа „Нема правда нема мир“, „Убијци“, „Човечиња“ и им ги објаснуваа своите мотиви на полицајците.

Претходно, неколку камења и пластични шишиња завршија во прозорците на Министерството за правда, а демонстрантите ја боеја зградата со пумпи и со боја во буриња. Полицијата, иако таму беше присутна во зголемен број, не реагираше на активностите на демонстрантите.


Стружанка заработи кривична пријава поради испишување графити на споменик на културата


Охрид, 13 мај, 2016 - 13:53 (META) 

СВР од Охрид ѝ поднесе кривична пријава на стружанката  Ј.М. (24), поради постоење основан сомнеж дека сторилка казнено дело оштетување туѓи предмети.

Пријавената, на 30 април, извршила оштетување на спомен-куќата на македонскиот револуционер Христо Узунов, на улицата Коста Абраш во Охрид.

Објектот е категоризиран како македонско културно наследство и културно-историски споменик, заштитен со закон од 1950 година.

– Настанот се случил околу 1 часот, кога пријавената, без повод и причина, со спреј испишала недоличен и навредлив графит, по што се обидела да избега од местото. Испишувањето го забележал овластен работник за обезбедување, кој ја повикал пријавената во службените простории – соопшти СВР од Охрид.

СВР од Охрид, во консултација и насоки од јавниот обвинител, ги презел сите мерки за целосно документирање и за расветлување на казнено-правниот настан. Извршен е разговор со пријавената, а на местото е спроведен е криминалистичко-технички увид. Одземен е спрејот со кој е извршено оштетувањето на спомен-куќата, заради вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.